Линкови за пристапност

Ново Министерство за дијаспора?


Ново Министерство за дијаспора?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00

Владата размислува за можни поволности за иселениците, со цел привлекување инвестиции во државата

Премиерот Зоран Заев неодама најави реформирање и на Агенцијата за иселеништво, која е клучна во односите со дијаспората, а чија главна цел ќе биде да ги интензивира врските со неа.

Заев очекува еден дел од дијаспората ќе се врати назад, поттикната од програмата на новата Влада со прецизно утврдени чекори во таа насока.

„Ќе споменам само еден - дополнителни посебни поволности за секоја инвестиција која ќе дојде од нашата дијаспора, преку државна помош. Посебни повластици“, изјави Заев.

Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, за Гласот на Америка, појаснија дека Владата работи на нов модел за привлекување инвестиции

Таму се планирало да бидат дефинирани критериумите, врз чија основа ќе може да се добие државна помош, а новиот концепт би гарантирал еднаков третман на сите инвеститори, вклучително и на оние од дијаспората.

Претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) Мето Колоски, ја поздравува идејата и верува дека се` повеќе луѓе ќе почнат да инвестираат во Македонија. Тој додава дека ОМД е отворена за соработка.

„Имам 10-15 мои лични пријатели, кои се вратија од Америка и Австралија да живеат назад во Македонија. Тоа е позитивен чекор и тие Македонци отвараат бизниси во Македонија. Повеќето се посветени на информатика и на проекти од Америка, Австралија и Канада, во Македонија“, истакна Колоски.

ОМД предлага формирање и на Министерство за дијаспора, како и посебен Закон за дијаспора, со кој ќе се регулираат односите со неа

Тој особено се залага за формирање на датотека на податоци за, како што вели, „да знаеме каде сме, и што работат Македонците во целиот свет“, што би отворило можност за соработка.

Неколкумина иселеници од Австралија и Америка веќе инвестираа во изградба на хотелски и угостителски објекти, но, и станбени комплекси во Охрид.

Меѓу нив е и Славе Ќелешоски, кој живее и работи во Мајами, сојузната држава Флорида.

Според него, за проширување на бизнисот или враќање на други иселеници, потребно е создавање на поволна бизнис-клима, како и промена на даночната политика во државата.

„Треба да завладее системот кој ќе биде еднаков за сите. Државата треба да го штити приватниот бизнис за бизнисмените да се чувствуваат сигурно. Штом тоа ќе се случи, тие повеќе ќе инвестираат, ќе има повеќе работни места и верувам дека повеќето кои направиле некоја пара во странство ќе ја инвестира овде“, вели Ќелешоски.

Тој би сакал да види конкретни чекори кои ќе покажат дека новата Влада е вистински заинтересирана за дијаспората.

Обемот на средства, кои по разни основи на годишно ниво доаѓаат од дијаспората, не се целосно, ниту соодветно искористени, вели за Гласот на Америка универзитетскиот професор и поранешен пратеник Игор Ивановски

Тој вели дека средствата главно одат за покривање на тековните трошоци на семејствата, а не за развој на економијата.

„Едногодишниот износ на овие средства изнесува повеќе од десет годишни износи на директни странски инвестиции во државата. Нивниот износ варира од година во година, но, во обем во континуитет се добива бројка од над една милијарда евра, што претставува сериозен финансиски и понатамошен инвестиционен потенцијал на државата“, изјави Ивановски.

Според податоци на Агенцијата за иселеништво денес во светот живеат преку 500.000 Македонци, но тие бројки се релативни со оглед на непостоењето на прецизна статистика.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG