Линкови за пристапност

Нова организација на македонските иселеници


Минатата недела беше формиран Форум за демократска Македонија (ФДМ) - нова заедница на иселеници, која ќе се залага за демократска држава

Новиот Форум на иселеници (ФДМ), најави дека ќе се залага за демократска, граѓанска, европска и просперитетна Македонија, која е целосно вклучена во евроатлантските структури и организации.

„Сметаме дека ова е историска шанса за нов почеток на Македонија, за конечно да изгради здраво и демократско општество. Ние ќе ја поддржуваме секоја политика што ова го овозможува, но, и ќе го критикуваме сето она или секој оној што Македонија ја оддалечува или попречува да ги постигне овие цели“, соопшти Форумот.

За мотивите за создавањето на ФДМ, Кирил Трпков, редовен професор по патологија на Универзитетот во Калгари, Алберта, Канада, за Гласот на Америка вели:

„Повеќе групи и поедници со години наназад, на социјалните мрежи, но, и пред македонските амбасади и конзулати реагираа, протестираа и бараа разрешница на длабоката криза во Македонија. Група од САД, Канада, Австралија и од Обединетото Кралство, реши да покрене иницијатива за создавање широка и отворена заедница на демократски и непартиски иселеници, со потекло од Македонија, но и со оние кои се идентификуваат со неа. Непосреден повод за формирањето беа настаните од 27-ми април, кога се случи организиран и насилен упад во Собранието“, вели Трпков.

Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) пак, изјави:

„ОМД е непартиска, невладина организација, формирана во 2004-та година. Во последниве 13 години, ОМД е етаблирана и докажана организација на македонските иселеници, која е отворена за соработка со сите македонски организации, црковни заедници и здруженија од дијаспората, вклучувајќи го и новоформираниот Фејсбук - Форум за демократска Македонија. Самото име на ОМД е визијата на нашата организација - обединување на повеќе Македонци, како и партнерство со тие што работат во интерес на Македонија. Очекувам од Форумот, откако ќе се етаблира, неговите активности да ги насочи кон зближување, а не кон раздвојување на дијаспората. ОМД низ своето 13-годишно постоење ја поздравува секоја активност која придонесува кон унитарност, но, и ја осудува секоја активност која придонесува кон поделеност на дијаспората. Не гледам причина зошто сега би делувале спротивно од досегашната практика“, смета Колоски.

На прашањето дали иницијаторите сметаат дека ОМД не е доволно демократски настроена или е под влијание на досегашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ, Трпков одговори:

„Точно е дека голем дел од нашата дијаспора не се пронаоѓаше, и не се пронаоѓа во пораките, што досега ги слушаше од различните иселенички организации. Ние ќе ги поттикнуваме и ќе ги зајакнуваме врските со иселеничките организации од други земји, но, и со сите иселенички организации од Македонија кои работат во интерес на демократијата“, вели тој.

Дали ФДМ го гледа како контрапотег на симпатизерите на новата власт кон ОМД, Колоски рече:

„Не би рекол дека Фејсбук-Форумот го гледам како контрапотег. Сепак, тука се работи за две тотално различни работи. Фејсбук-Форумот тукушто го објави неговиот проглас, додека ОМД е докажана непартиска и невладина организација. Членовите и поддржувачите на ОМД, иако имаат различна политичка определба, се обединети во заштитата и одбраната на македонската држава, уставното име, идентитетот, јазикот и културата, како и во заштитата на националните интереси на Македонија, и можно нејзино членство во НАТО и во ЕУ“, изјави Колоски.

Трпков вели дека не е загрижен од можните квалификации дека зад ФДМ стои новата власт на СДСМ, додека Колоски беше дециден дека ОМД не работи под никакво партиско влијание од Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG