Линкови за пристапност

Земале плата, а седеле дома


Со платите за наводно вработените 166 државни службеници, државниот буџет бил оштетен за 50.776.872 денари или 985.000 долари

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, најави дека ќе биде поднесена кривична пријава против неговиот претходник на функцијата, поради вработување на 600-тина лица во Државниот секретаријат, кои воопшто не доаѓале на работа.

Со платите за наводно вработените 166 државни службеници, државниот буџет бил оштетен за 50.776.872 денари или 985.000 долари.

Рашковски вели дека овие лица имале обврска само еднаш неделно да се пријават дека наводно се присутни на работното место, а останатите четири дена во неделата немале никакви обврски

Тие користеле и годишен одмор и платено отсуство, а биле и фиктивно оценувани за нивната работа, редовно и сите со оценка „тројка“.

По објавување на прислушуваните разговори во 2015-та година, според Рашковски, бројот на вработени кои не доаѓале на работа во Државниот секретаријат, се намалил од 600 на 60-80, кои и понатаму добивале плата, без да одат на работа.

Но, Рашковски изрази сомневање дека по објавувањето на таканаречените „бомби“, како и поради можна промена на власта, дел од тие лица биле прераспределени во други институции, министерства или единици на локалната власт.

Рашковски обвини и дека дел од вработените во Секретаријатот, сè уште доаѓаат на работа и примаат плата, но, одбиваат вршење на каква било задача

Рашковски потенцираше и дека се работи за организирано делување и соработка на поранешниот генерален секретар, дел од вработените и службите кои го организирале таквото делување, како и дека по завршувањето на локалните избори во октомври, ќе продолжи дисциплинската постапка што се спроведува во рамки на Владата.

Според внатрешната ревизија, исплатата на платите е направена за неизвршена задача, што е во спротивност со Законите за работни односи и за административни службеници.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше со писмено соопштение, во кое тврди дека „она што Заев и Рашковски го прават е незаконски“.

„Ќе одговараат и Заев и Рашковски, но, и сите оние во администрацијата, кои доброволно или под закана им помагаат во незаконските дејанија. Зад превезот и измислиците дека има злоупотреби, тие сакаат да остават на улица стотина вработени, најголем дел припадници на помалите етнички заедници. Ова е директна дискриминација на турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница. Тие на овој начин го одвлекуваат вниманието од вистинските злоупотреби и незаконски именувања кои ги прават. Прават линч и дискриминација на многу заедници. Ова е доказ за партиско-политичка дискриминација“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува сите оние „кои совесно си ја работеле работата, и ги повика да не потклекнуваат на притисоците

„Забеганоста и арогантното кршење на законите нема да траат вечно. Со заминување на СДСМ од власт ќе бидат преиспитани сите сведочења на лицата, кои биле под притисок на СДСМ. Правната држава ќе се врати и секој ќе одговара за тоа што го сторил. Рашковски и Заев нема вечно да се на власт. Ќе се сменат улогите“, се вели во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.

Новата власт на СДСМ излезе со обвинение за политичките противници од ВМРО-ДПМНЕ, дека за време на нивниот мандат неодговорно ги трошеле буџетските средства, што предизвикало одлевање од милионски суми од буџетот.

Набавката на мерцедесот за потребите на тогашниот премиер Никола Груевски, вредно 600.000 евра, како и неговата фотографија од летување, со брендирани очила вредни 60.000 евра, беа само дел од кампањата на СДСМ, со која се илустрираше функционирањето на претходната власт

Но, и покрај обвинувањата за наводни бројни злоупотреби во контроверзниот проект „Скопје 2014“, за којшто постојат проценки дека се потрошени над 650 милони евра, засега никој не поднел одговорност.

Од друга страна, обвинувањата за наместени тендери, за корупција и злоупотреби на службената должност и овластувања, покрај социјалните мрежи, ги полнат и дел од медиумите, но, засега без институционална или судска разврска.

Во дел од коментарите се повикува новата власт да ја прифати новата улога, и наместо обвинувањата за злоупотреби, да работи на враќањето на правната држава и функционирањето на институциите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG