Дел од аналитичарите оценуваат дека враќање на старата Влада без опозицијата во неа, значи дека Пржино е завршена работа и оти има потреба од нов политички договор.
Сем Вакнин, за Гласот на Америка вели дека евентуалниот излез од кризата значи техничка влада без временско ограничување и целосно рестартирање на институциите.
„Треба да се потпише нов договор, по што ќе се избере нова, техничка влада која не мислам дека ќе биде ограничена со временски период. Затоа, не верувам дека ќе има датум за избори. Таа техничка влада ќе има листа од задолженија во кои меѓудругото ќе има и замена ,буквално градење нови институции. Ќе се отрфлат оние кои ги киднапираа институциите, тргање на корумпираните политичари и судии. Тоа е целосна внатрешна револуција на системот“, вели Вакнин за Гласот на Америка.
Според него, дури откако техничката влада ќе заврши со работата, ќе биде одреден датум за избори, а проценките му се дека отстранување на една владејачка гарнитура ќе значи влошување на состојбата.
И клучни членки на Европската унија со остри пораки за Македонија.
„Се надевам дека сите ќе си ја преземат одговорноста за да ја водат земјата напред. Секој треба да ја има слободата на изразување, слободата да кажат што сакаат и да продолжат законските процеси во согласност со меѓународните стандарди“, рече холанскиот министер Берт Кундерс, претседавач со ЕУ.
Државниот министер на Сојузна Република Германија Михаел Рот, пак, вели дека „екстремно сме загрижени за внатрешнополитичката состојба во Македонија. Политичките партии повеќе не смеат да го ставаат на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија и мора да остварат конкретни резултати. Македонија веќе не смее да се оддалечува од Европа, туку мора да се врати назад на патот на приближувањето кон ЕУ“.
Загриженоста на Унијата за Македонија ја потврдува и вонредното вметнување на земјата на агендата на седницата на европските министри за надворешни работи во Брисел. Поради отсуството на шефот на германската дипломатија, точката за Македонија е поместена за идната министерска средба во јуни.