Линкови за пристапност

Сега е време ние да им помогнеме на здравствените работници, велат велешанки


Велешанки прават бесплатни маски за здравствените работници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

Волонтерки од Велес прават маски за помош на лекарите, медицинските сестри, сиромашните граѓани и за волонтери на Црвен крст

Жени волонтерки од Велес и по неколку часа дневно шијат повеќе заштитни маски за здравствените работници.

1.200 маски веќе се предадени на лекарите и медицинските сестри, а дополнително се шијат уште 2.500, наменети за јавното здравство, сиромашните граѓани и за волонтери на Црвен крст.

Маските, на кои пишува „Велешанки за јавно здравје“, завршуваат во здравствените установи во нивниот град.

„Треба доволно време да се изработи една маска. Оваа маска може да се испегла, да се испере и да се употреби повторно. Прво го кроиме материјалот и го диплиме. Се обележува, се поминува еден дел, па уште дел на машина“, вели Славица Костова.

Иако станува збор за сложена процедура, Костова и по неколку часа дневно поминува на машина за шиење, за да изработи што повеќе маски, во време кога пандемијата на коронавирус се шири, а многу луѓе се заразени.

Идејата за ова благородна мисија, за кратко време станала реалност, вели Ружица Николова.

„Седејќи дома, сакав да го искористам слободното време и да помогнам, пред се` на здравствените работници, бидејќи како мајка знам колку ни биле потребни здравствени работници во животот. Мислев дека е момент и вистинско време сега да им се одолжиме за сето тоа“, вели Николова.

Костова, пак, додава дека здравствените лица се први од кои граѓаните бараат поддршка кога се болни.

„Сега дојде време и ние да им помогнеме“, рече таа.

Николова вели дека во изработката го вклучила целото семејство.

Првите 1.200 маски веќе биле предадени во вистински раце.

„Горда сум што им покажав на децата дека треба да се помага. Ги вклучив и нив. Една кроеше, друга чистеше конец. Ќе шиеме и ќе нудиме помош се додека таа е потребна“, вели Николова.

Поддршка пристигнала и од Велешката фондација за локален развој и демократија „Фокус“.

„Група наши сограѓанки, велешанки, дојдоа и побараа поддршка од Фондацијата, за да можат да му помогнат на јавното здравство во екот на епидемијата на Ковид-19. Фондацијата рече дека тоа ќе го сториме заедно и навистина го правиме. Сите ние живееме во оваа локална заедница и мислам дека ако не си помагаме, не можеме да кажеме дека сме граѓани на локалната заедница“, вели Убавка Јаневска - извршна директорка на „Фокус“.

Дополнително се шијат уште 2.500 маски. Стотина ќе бидат поделени на сиромашни граѓани и на мобилни тимови на Црвениот крст, а во нивната изработка се активирани и други волонтерки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG