Северна Македонија е на чекор до воведување полициски час, предупредуваат здравствените власти. Влошената епидемиолошка слика и зголемениот број новозаразени за време на викендов беа причина Комисијата за заразни болести денеска да испорача нов сет предлог мерки до Владата - сите економски оператори да работат до 23 часот, најмногу до 50 проценти исполнетост во јавниот превоз, целата државна администрација, судовите и општините да работат онлајн, во смени или со ротација.
„Ситуацијата навистина е сериозна, наредна мерка е полициски час. Да смогнеме сила тоа да го избегнеме бидејќи пред нас доаѓаат тешки периоди. Oва е последниот чекор пред воведување полициски час“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Капацитетите во болниците се пополнуваат, се` уште нема пациенти во модуларнта болница во кругот на Инфективната клиника. Но, затоа инфективните одделенија во болниците во Струмица, Куманово, Штип и Прилеп веќе се полни, а болниците во Битола и Гостивар се полнат.
Скопје, Штип и Струмица, според Филипче, се жаришта во овој есенски бран на ковид-19. Целта на денешните предлог-мерки е, меѓудругото, да се спречи преоптоварување на здравстевниот систем.
Дополнително, во собраниска процедура се измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои предвидуваат задолжително носење маски и на отворено, ограничување на групирања на јавни површини по 22 часот, како и оневозможување на поголеми собирања во домовите на граѓаните.
Намерата е да се намали ударот на есенскиот бран на коронавирусот од кој овој период дневно се бележат по неколку стотици новозаразени.
Facebook Forum