Северна Македонија напредуваше, но, се` уште останува уште многу работа во справувањето со корупцијата. Меѓународната заедница ја прати својата порака за ситуацијата во земјава на Регионалниот форум што се одржа во Скопје.
Претставници на клучните партнери на Македонија беа недвосмислени за опасностите што ги носи коруцпијата - нестабилност, поткопување на доброто владеење, зајакнување на организираниот криминал.
„Направени се важни напори во борбата против корупцијата, но, уште многу треба да се направи и да се покаже една трага на истражување, гонење и судење случаи на висока корупција. Многу е важно да се донесе нов закон за Јавно обвинителство, да се покаже национална заложба за борба против корупцијата и градењето силно обвинителство. Велам национална заложба затоа што ова е над политиката и е значајно за земјата и за нејзината иднина“, изјави Џенифер Литл Џон, заменик-амбасадорка на САД.
Шефот на државата праша како да се зборува за неселективно и независно судство, кога, како што рече, секојдневно има судски случаи кои предизвикуваат сомнежи, како и дали правото важи еднакво за сите или е политички инструмент.
„Тука морам да го издвојам случајот „Рекет“ кој дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично, не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции“, изјави претсеадтелот Стево Пендаровски.
Тој повика на истражување на криминалите на претходната, но, и криминалите на актуелната власт. Експертите бараат мерки токму во делот на високата корупција, за што се потрбни силни институции.
„Имаме лошо судство, имаме Собрание кое се грижи за партиските интереси, парите се трошат без контрола, ревизијата не е добра поставена, имаме партиска економија“, рече Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија.
Затоа денеска беа повикани сите партии – и од власта, но и опозицијата, да се вклучат во потребните реформи за градење посилни судски институции за да се намали корупцијата која, според извештајот на ОН за 2018 година, на светско ниво „јаде“ три трилиони евра.
Facebook Forum