Линкови за пристапност

Конгресменката Слоткин која работеше на членството на Македонија во НАТО се приклучи на пријателската група во Конгресот


Конгресменката Елиса Слоткин, демократка која го претставува 8. конгресен округ во Мичиген, се приклучи на конгресна група за пријателство со Македонија и Американците со македонско потекло, која во моментов брои 35 членови.

Нејзиното членство го најави Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која претходно била во разговори со неа.

„Ми беше чест да се сретнам со членовите на Обединетата македонска дијаспора и да изградам посилни односи со македонско-американската заедница во мојот округ и Мичиген. Со оглед на мојата претходна работа околу членството на Македонија во НАТО, ми претставува задоволство да се приклучам на конгресната група за пријателство со Македонија”, рече конгресменката Слоткин.

Таа, исто така, му се заблагодари за македонското раководство за пречекот на авганистанските бегалци, нагласувајќи дека „тоа кажува многу за гостопримството на земјата и со нетрпение очекувам да ја посетам во иднина“.

Претседателот на ОМД Мето Колоски рече дека конгресменката Слоткин е еден од водечките гласови во САД за националната безбедност, која придонесува со богато искуство и знаење за Европа, Русија, Блискиот Исток и пошироко.

„ОМД со задоволство ја нарекува пријателка на Македонија и на нашата македонска заедница во САД, и со нетрпение очекуваме да работиме со неа и нејзините соработници за да ги унапредиме важните и стратешките американско-македонски односи”, изјави Колоски.

Пред да биде избрана за членка на Претставничкиот дом на САД, Слоткин беше вршителка на должност помошник - секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања, а во текот на нејзината кариера имаше функции во Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Пентагон, Белата куќа и Канцеларијата на директорот за национално разузнавање.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG