Линкови за пристапност

Кои се корените на проблемот со питачење во Македонија?


Се претпоставува дека во Македонија има околу 2.000 деца на улица

Охрид и Струга се центрите каде секое лето врие од деца питачи, додека во текот на годината, тоа е Скопје. Гласот на Америка истражуваше која е причината за ваквата негативна појава и како до можно решене на проблемот кој е повеќе од комплексен.

Се претпоставува дека во Македонија има околу 2.000 деца на улица.

Борбата за гола егзистенција многу деца во Македонија ги носи на улица. Сами, или со нивните родители, питачат за да дојдат до парче леб.

Според психолозите, најчесто станува збор за деца кои се надвор од образовниот процес и доаѓаат од семејства од ромска националност, кои уште од мали се навикнуваат на овој начин на живот.

„Економскиот фактор е многу битен фактор кој ги тера родителите да ги користат своите дечиња да им помагат не толку во питачење отколку во собирање на стара хартија, шишиња, железо“, вели Стојна Танос, психолог во Основно училиште „Братство и Единство“ во Охрид.

„Се зборува дека тоа се машини за пари односно деца кои носат приноси и кои значат некаква придобивка за останатите кои стојат во позадина“, коментира Љупчо Ќеверески, универзитетски професор.

Ќеверски вели дека фокусот на решавањето на проблемот треба да биде во семејството, односно во начинот на стабилизирање на нивниот живот.

Неопходно е, велат соговорниците, формирање на сектор за социјална заштита во општините, отварање на дневни центри за деца на улица во повеќе градови, не само во Скопје како и организирање на кампањи со цел зголемување на јавната свест за нив.

„Она што е поважно треба една позасилена интервенција на институционален план“, додава Ќеверески.

Фактор кој многу влијае за оваа појава е и ниското образовно ниво на родителите. Затоа се неопходни мерки за нивно дообразување и вработување, наведува Стојна Танос, психолог во основно училиште „Братство и Единство“:

„Поради неинформираност на родителот, и кога ги викаме на советување, многу тешко доаѓаат. Центарот за социјална работа често ни излегува во пресрет ги вика тие родители и настојуваме да ги вклучиме децата во воспитниот процес“, вели Танос.

Од полицијата во Охрид велат дека во текот на изминатиот период самостојно и во соработка со Центрите за социјална работа реализирале 50-тина акции за отстранување на питачи од улиците помеѓу кои малолетници. Им се одземаат предметите, се предаваат на Центрите и потоа се транспортираат до градовите од каде доаѓаат, а против нив, се поднесуваат и прекршочни пријави.

Според Министерството за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа реализираат стручна, советодавна и тимска работа за децата на улица и нивните родители и обезбедувајки право на социјална заштита, а двапати во неделата спроведуваат и теренски активности.

Преку проектот „Инклузија на деца - Роми во јавните предучилишни установи“ се овозможува подобрување и поддршка на интеграцијата на овие деца пред поаѓање во основно образование. Само оваа учебна година, има 514 деца. Децата на улица посетуваат и посебни центри каде им се пружа и воспитна компонента со што се подготвуваат за вклучување во редовниот образовен процес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG