Првата учесничка на шестите претседателски избори во Македонија што ќе се одржат на 21 април и 5 мај, е д-р Гордана Силјановска Давкова, професорка по уставно право и политички систем на скопскиот правен факултет „Јустинијан Први“, за која, како за натпартиски кандидат, на саботната конвенција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаа 408 делегати. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, и покрај поддршката и на европратеничката Маријана Петир, освои само 80 гласови, но веднаш истакна дека ќе соработува со победничката, а другите седумина кандидирани ги поделија преостанатите трисеттина гласови на делегатите.
Силјановска Давкова беше министер во владата на СДСМ, од 1992 до 1994 година, кога премиер беше Бранко Црвенковски, експерт е на Женевската група за заштита на човековите права и слободи, а беше и експониран член на Професорскиот пленум кој се спротивстави на политиките во образованието на Владата на Никола Груевски, залагајќи се за автономија на Универзитетот. Но, професорката во јавноста е позната и како еден од најжестоките критичари на Законот за употреба на јазиците и противник на Преспанскиот договор и на новото име Република Северна Македонија. („Македонија е старица од 75 години и замислете, сега и го менувате името, а и велите дека тоа не е менување на идентитетот“ – Силјановска Давкова).
Зад Силјановска Давкова, како фаворит, на конвенцијата застана актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицковски, со кого, како и со актуелниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов (кој исто така, формално беше натпартиски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, и во согласност со партиските ставови, беше против „Законот за јазици“ и Преспанскиот договор), таа вчера во Охрид и ја започна неформалната кампања. Во пораката кон идните гласачи, покрај ветувањето - „Македонија мене многу ми дала, сега е време, јас да ѝ вратам на Македонија“, острицата беше токму ставот дека со неа како претседател, прашањето со името на државата ќе биде повторно отворено од експертски тим на стручњаци по меѓународно право. Иако ја прифати поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, таа најави и собирање на 10.000 потписи како зацврстување на кандидатурата.
„Сите бараат надеж работите да се вратат во нормала. Меѓу нив има и такви што никогаш не гласале ‘за’, оние што гласаат за ВМРО и препознаваат дека не сум партиски човек, но сум искрен родољуб, кој нема да погази Устав, оние што гласаат за СДСМ, но што сметаат дека е време работите да се сменат..., оние што се подготвени да поминат преку етничката бариера, оние што никогаш не гласале или дури се иселиле од земјата од разочараност од состојбите, но кои конечно ќе излезат на гласање затоа што имаат кандидат со вредности и принципи на правда и правдина, кој никогаш нема да ги напушти“, беше една од изјавите на Силјановска Давкова што ја пренесоа медиумите.
Таа е децидна дека бојкотот на изборите не е решение, затоа што ако нема цензус, според неа, власта би добила в.д. претседател (претседателот на Собранието, Талат Џафери), и можност потоа, да донесе закон со кој претседателот на државата би се бирал во Собранието, а не на непосредни избори.
За СДСМ, конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е фарса на која лидерот Мицкоски „го официјализираше својот кандидат кој застана рамо до рамо со него против напредокот, НАТО и ЕУ, и тргна по стапките на Ѓорге Иванов и Никола Груевски“. Владеачката партија ја обвини Силјановска Давкова дека не се оградила од „антизападните политики на Мицкоски против напредокот на нашата земја, против Договорот од Преспа, против НАТО и ЕУ “, ниту од „криминалните политики на Груевски“, и истакна дека на Македонија „не и треба претседател кој ќе биде послушник како Иванов“.
Од друга страна, поранешниот градоначалник на Општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, посакувајќи и успех на Силјановска Давкова, потенцираше дека доколку таа загуби, партискиот лидер Мицкоски треба да поднесе оставка: „Независно од обидите да се релативизираат резултатите од претседателските избори, за евентуалниот неуспех, одговорност мора да има“.
Иако СДСМ објави оглас за аплицирање на потенцијални кандидати за претседателски избори за кои партијата ќе се изјасни на конгресот на 3 март, на кој досега се пријави само дипломатот Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор на Македонија во Германија, Австрија, Јапонија и Словачка, лидерот на СДСМ Зоран Заев, на денешната средба со челникот на ДУИ, Али Ахмети, сепак, ќе разговара околу можностите за заеднички кандидат за претседателските избори.
По завршувањето на состанокот, во изјава за медиумите Заев повторно истакна дека има шанси за заеднички консензуален кандидат за претстојните претседателски избори, а дека за евентуалните личности ќе се разговара во втората фаза. Тој истакна дека до крајот на неделава ќе биде извесно дали ќе има заеднички кандидат.
Заев денеска најави дека на вчерашната средба со коалициските партнери постигнале начелна согласност за обид за обид за договор со ДУИ околу консензуален претседателски кандидат, како и на подоцнежните средби со лидерите на помалите албански партии. ДПА соопшти дека ќе го поддржи кандидатот на власта, Алијанса за Албанците и Беса се против заеднички кандидат со ДУИ, но не ја отфрлаат опцијата за свој заеднички кандидат, а новата партија Алтернатива (досегашен дел од Беса) не излезе со дециден став.
Facebook Forum