Линкови за пристапност

Македонци масовно стануваат бугарски државјани


Македонци масовно стануваат бугарски државјани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Надлежните велат дека досега има 100.000 процесирани барања, а уште толку се во процедура, со големи шанси да бидат одобрени

Две недели по потпишувањето на македонско-бугарскиот договор за пријателство во Скопје помеѓу премиерите на двете држави, бројни македонски граѓани, и натаму, единствената шанса за подобар живот и работа во Европа, ја гледаат во вадењето на бугарски пасош.

Од Македонско-бугарското здружение на пријателство, со седиште во Охрид, сметаат дека неодамна потпишаниот договор е историски чин, којшто ќе донесе многу позитивни промени на двете страни. Тие на заинтересираните граѓани за бугарски патни исправи, им даваат информации за потребните документи и процедурата.

„Кај охриѓани е доста зголемен интересот. Само минатата година имаше околу 4.000 до 5.000 барања за бугарско државјанство. Има многу со семејства. Посебно бројот на млади е доста зголемен, и луѓе кои завршуваат факултет тука или сакаат да го продолжат образованието во Бугарија“, вели Крсте Ристески, кој 17 години посредува за добивање на овие пасоши.

Тој вели дека неофицијално, досега бугарски пасоши извадиле околу 100.000 Македонци, додека уште толку се во процедура за добивање.

Граѓаните се на мислење дека договорот помеѓу двете земји може да го зголеми бројот на апликанти. И охриѓани и стружани, велат дека знаат за многу нивни сограѓани кои аплицираат за бугарска патна исправа и оти тоа не е никаква тајна.

„Многу има такви. За поубав живот сакаат да одат во Европа. Добро е да го имаш, зошто овде не се живее. Слаби се платите. Да можам, и јас би одел“, вели еден граѓанин за Гласот на Америка.

Од граѓанскиот сектор се загрижени за појавата, особено што се` повеќе млади и образовани кадри се одлучуваат на ваков чекор.

Младинската активистка Весна Цветановска, вели:

„Тоа е алармантна ситуација којашто е присутна, за жал, повеќе од деценија ипол, но се засилува во интензитет последните три-четири години. Овде во Македонија не им се исплатело да ги покажат своите способности, своите знаења, и затоа се одлучуваат на механизам за заминување надвор, што е донекаде оправдано.

Вахид Мехмед од граѓанска организација „Инклузија“, додава дека на младите не им се прави притисок да земаат бугарски пасоши од страна на Бугарија, туку дека тие самите, „соочени со проблемите во нашата држава, се приморани да ги земаат тие пасоши за да најдат излез во европските држави“. Тој се залага Македонија да направи стратегија за интеграција и поголемо вработување на младите.

За последните 15 години, според податоци на бугарското Министерство за правда, околу 117.000 странски државјани добиле бугарско државјанство, од кои најголемиот број се Македонци. Втори се Молдавијци, а потоа граѓани на Украина и Србија.

Целата постапка трае меѓу две ипол и три години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG