Линкови за пристапност

Церемонијално потпишан договорот со Бугарија


„Отворивме пат за стабилност и развој на двете држави“, порача премиерот Зоран Заев

„Потпишувањето на договорот покажува дека таму каде има политичка волја и идеја за прогрес, прашањето може да се реши. Направивме историски чекор напред и отворивме пат за стабилност и развој за двете држави. Овој договор е взаемен успех и придонес кон политичка стабилизација за регионот и пошироко. Се определивме да водиме политики на решенија, а не - проблеми. Во Бугарија видовме конструктивен партнер со исти цели. Ова наше пријателство е пример како долгогодишна кочница може да се претвори во мотор за развој... Прашањето на добрососедските односи е прашање на зрелост и затоа, овој договор е значајна порака до ЕУ и НАТО дека земјите имаат политички раководства кои градат мостови. Бугарија од денес е уште поголем пријател и сојузник кон евроатланските перспективи. Мојот народ има право да биде среќен“, изјави Заев по потпишување на договорот.

„Вашите министри работеа неколку месеци за да имаме договор со толку убаво име – ‘Добрососедство’. Исто така, двата меморандума се исклучително важни. Ќе ја видите и реакцијата на ЕУ на овој договор, двете држави без модератори и посредници, дојдоа до одлука дека мирот, пријателството и добрососедството се поважни од сè. Неслучајно луѓето велат, гледајќи назад ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа, одлучивме да гледаме напред. Резултатите ќе ги видите за некое време. Терминот заедничка историја е термин кој дава заеднички перспективи, а не разделби“, изјави бугарскиот премиер Борисов по свечената церемонија.

Борисов и членовите на високата државна делегација на Бугарија, денеска напладне беа пречекани на платото пред Владата на Македонија, со државни и воени почести на црвениот тепих, со интонирање на државните химни, со поздрав на знамето на Република Македонија и со обиколка на почесната Гардиска единица

На посебна церемонија двата премиера го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, којшто, според властите на обете соседни земји, треба да претставува пресвртница во односите и во меѓусебната соработка, и кој, дел од експертите и медиумите во Македонија, веќе го оценија како историски чин во развојот на односите меѓу двете земји.

Сепак, веднаш откако премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата на 26 јули го објави договорот со Бугарија, почнаа полемики и во бугарската и во македонската јавност, во кои, противниците на договорот од обете страни на границата, критикуваат дека официјалните власти во Софија и во Скопје, направиле преголеми отстапки на другата страна.

За време на посетата на Заев на Бугарија, на 20 јуни, тој и домаќинот Борисов, заедно положија цвеќе пред споменикот на цар Самоил во Софија, како симболична најава за потпишување на билатералниот договор за кој преговорите траат уште од 2009 година.

Но, дипломатот Ристо Никовски, излезе со тврдење дека уште на на 22 февруари 1999 година, кога тогашните премиери на Македонија, Љубчо Георгиевски и на Бугарија Иван Костов ја потпишаа заедничката Декларација за соработка, била направена „тешка историска грешка. Македонија, практично, се откажа од своето малцинство во Бугарија и на катастрофален начин го девалвира сопствениот јазик. Декларацијата беше потпишана со формула, која македонскиот јазик го става во категорија на измислени, директно негирајќи дека е тој автохтон и мајчин јазик на Македонците“.

Спротивно на тоа, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, оцени дека се работи за „одлично балканско позиционирање на Македонија“ и коментираше дека Договорот не е „ништо ново, ниту пострашно од Декларацијата, само што сега ДПМНЕ ги кажува истите забелешки што тогаш ги кажуваше СДСМ“.

Премиерот Заев во јавните настапи беше дециден дека Договорот е во согласност со националните интереси на Република Македонија, дека се работи за голем чекор и за одраз на новиот дух на политичари кои градат, а не уриваат мостови, и дека обете страни „се решени да водат политики кои решаваат проблеми, а не ги создаваат“.

Но, иако ЦК на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на седница донесе оценка дека е добро да се потпише Договорот заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и секако, заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ, оваа партија истакнува дека меѓу двете земји постојат бројни незатворени прашања: фактот дека Бугарија „дури 72 години по кодификацијата на македонскиот јазик, во 21-виот век не го признава македонскиот јазик и го смета за дијалект на бугарскиот“, барањето на Бугарија за промена на учебниците по историја во Македонија, „со која, де-факто македонската историја, македонските историски личности и настани ќе се претстават како дел од историјата на Бугарија“ и инсистирањето на Бугарија да стои во договорот дека „двете држави имаат заедничка историја со заднина да се потврди тезата дека македонската историја е бугарска, што води кон тоа дека и Македонците се измислена нација од 1944 година наваму“, како и „одредбите во Договорот со кои Македонија еднострано би се откажала од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија“

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини македонската Влада дека ги прифатила позициите на Република Бугарија за сите спорни прашања и јавно ја повика Владата „до денот на потпишувањето да вложи напори да се променат спорните делови кои можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Република Македонија и македонскиот народ, јазик и историја и кои што можат да предизвикаат наместо решенија на проблемите, да се креираат нови проблеми“.

„ВМРО-ДПМНЕ со индигнација ги осудува и отфрла сите навреди од оние, кои со измислени лаги се обидуваат да дадат друг карактер на барањата и позициите на ВМРО-ДПМНЕ, од типот дека ВМРО-ДПМНЕ била против влегување во НАТО и ЕУ, дека одработувала за Русија или дека била антибугарска партија“, се вели во соопштението на партијата.

Вчера и помала група граѓани со македонски знамиња, наводно организирани преку здружението „Блаже Коневски“, протестираше против потпишувањето на Договорот пред Министерството за надворешни работи, пред Соборниот храм и пред Владата. Претходно, членот на Здружението, Љубомир Сенковски му порача на премиерот Заев: „Наместо да потпишувате договор, одведете го вашиот пријател Борисов на гробовите на хероите, да им се извини, со што би започнал процесот на спријателување. Сè друго е силување и понижување на македонскиот народ...“ Набројувајќи ги жртвите од периодот на НОВ од 1941-1944, за време на бугарсаката окупација на Македонија, како Христијан Тодоровски-Карпош, Раде Јовчевски-Корчагин, Мирче Ацев, Благоја Давков, Орце Николов, Страшо Пинџур, Васил Антевски-Дрен, Невена Георгиева-Дуња, Стив Наумов, Кузман Јосифовски-Питу..., Сенковски се прашува „дали и тие се дел од заедничката историја на Македонците и Бугарите“ и потенцира дека е „срамно да се изедначуваат жртвите и џелатите“.

По објавување на содржината на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, грчкиот весник „Катимерини“ објави дека се работи „за прво затворање на еден надворешен фронт на новата Влада на Заев, со една од двете соседни земји на Македонија кои се членки на Европската унија“.

На церемонијата денес, беа потпишани и меморандуми за соработка од ресорните министри за транспорт, енергетика и економија, за развој на железничката инфраструктура и поврзаност меѓу двете земји, како и за соработка во областа на природниот гас.

Попладнево, гостинот Борисов ќе се сретне и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а според најавите, бугарскиот премиер ќе има средба и со лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, која најави дека нејзините пратеници нема да го поддржат Договорот со Бугарија во Собранието.

Официјалната посета на бугарската делегација на чело со премиерот Борисов, продолжува утре на националниот празник на Репубика Македонија Илинден, со заедничко чествување во црквата „Свети Спас“, каде покрај обраќањето на домаќинот Заев, двата премиера ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG