Неизвесноста што за македонските евроинтеграции ќе донесат вонредните парламентарни избори во Бугарија се зголемува по вчерашниот изборен ден.
Првичните резултати што ги објавија надлежните во Софија ги засилија стравувањата во Скопје дека ваквиот епилог ја турка Бугарија во нова политичка криза, која ќе се рефлектира и врз процесот на разговори меѓу двете земји.
Вчерашните избори безмалку го повторија резултатот од април кога ГЕРБ на екс-премиерот Борисов и движењето „Има таков народ“ на шоуменот Трифонов освоија најмногу гласови, но не успеаја да формираат влада.
Сега, двете партии се` уште поблиску една до друга, но пак со мал капацитет да коалицираат со некој друг и да создадат политичка влада која, меѓудругото, ќе се посвети и на решавање на прашањата со Скопје.
„Има таков народ“, која е првопласирана, најави дека нема да бара партнери за идната влада.
„Има таков народ нема да прави коалиција со ГЕРБ, Социјалистите и ДПС. Од друга страна, таканаречените `партии на протестот` немаат парламентарно мнозинство од 121 пратеник за формирање на стабилна влада. Во тој случај, `Има таков народ` нема да прави коалиција со ниту една партија и самите ќе ја преземеме одговорноста за да создадеме влада“, изјави Слави Трифонов.
Сепак, можноста Трифонов да состави малцинска влада е многу мала и прашање е и да успее колку таа би издржала на бугарската политичка сцена.
Оттука, од денеска се погласни се размислувањата дека излез можеби ќе се бара во нови парламентарни избори. Но, проблем е дека наесен се предвидени избори за претседател.
Актуелниот шеф на државата Румен Радев, кој најави дека ќе се кандидира, прати порака дека процесот на разговори со земјава не зависи од исходот на изборите, туку од надлежните во Скопје.
„Очекуваме нашите пријатели од Северна Македонија, пред се` раководството на земјата, сами да ја тргнат блокадата. Таа блокада не е наша, ние очекуваме реални, неповратни и одржливи резултати во нашите односи“, рече Радев.
Ден по изборите, Скопје се воздржува од коментари за исходот од гласањето. Изјавите и настапите на државните претставници се во насока на тоа дека блокадата на земјава е прашање што ја засега иднината на Европа.
„Политиката на вето создава антагонизам. На последните анкети нашите граѓани кажаа дека најголема закана гледаат токму од Бугарија. Затоа се надевам дека со идната бугарска влада ќе можеме да постигнеме разбирање за заедничка победа, и за нас и за нив и за регионот и за цела Европа“, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на меѓународен форум во Атина.
За спорот со Бугарија разговарале и вицепремиерот Груби и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
Било утврдено дека Унијата останува силен поддржувач на Северна Македонија и дека нема простор за евроскептицизам.
Facebook Forum