Конгресмените кои претседаваат со пријателските групи за Македонија и Бугарија во Конгресот на САД ќе ја предводат и европската конгресна група, која повторно беше ставена во функција оваа недела.
Канцеларијата на Европскиот парламент во Вашингтон, преку твит ги поздрави конгресмените Брендан Бојл и Џо Вилсон кои се избрани за копретседавачи со новата група, чија цел е да ги унапреди билатералните односи меѓу САД и земјите-членки на Европската Унија.
Конгресменот Бојл ќе ја извршува оваа задача истовремено и како копретседавач со групата за пријателство на Македонија и македонската заедница во Америка, додека конгресменот Вилсон, пак, е на чело на групата за пријателство со Бугарија.
Македонската група за пријателство има 32 членови, конгресмени од Демократската и Републиканската партија, а во бугарската има околу 12 конгресмени.
„Македонија е клучен партнер во унапредување на напорите на САД за национална безбедност ширум светот. Македонија е наш стратешки сојузник на Балканот, во Авганистан, Ирак, и американските граѓани стојат на страната на македонските граѓани. Конгресната група со нетрпение очекува да работи заедно со македонско-американската заедница за унапредување на стратешките односи меѓу САД и Македонија“, изјавија пред две години копретседавачите со македонската конгресна група, која есенва одбележува десет години од нејзиното формирање.
Facebook Forum