Линкови за пристапност

САД и ЕУ го поздравија договорот меѓу Македонија и Бугарија


„САД им честитаат на Бугарија и на Македонија за потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, се наведува во соопштението на Стејт департментот, а во заедничката изјава на функционерите на ЕУ, Могерини и Хан, се вели дека „договорот претставува инспирација за целиот регион“.

„Овој важен, прогресивен договор ги признава веќе силните врски меѓу двете земји и ја отвора вратата за уште поблиска соработка, која оди и понатаму, во различни области, како инфраструктурата и културата. Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичка стабилност и економски развој во поширокиот регион и нуди охрабрувачки пример за тоа како разликите меѓу соседите може да се решат мирно“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

И Европската унија го поздрави потпишувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Во заедничката изјава високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, се вели: „Овој договор ја покажува решителноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ перспективата на ПЈР Македонија во интерес на нејзините граѓани“

Договорот го поздравија и Британија и Германија.

„При моите неодамнешни посети на Бугарија и на Македонија видов силна посветеност за подобрување на односите меѓу двете земји. Го поздравувам потпишувањето на Договорот за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија како чекор напред во вистинската насока. Добрососедските односи помеѓу Бугарија и Македонија се клучни за обезбедување на стабилност во регионот“, стои во изјавата на британскиот министер за Европа, Алан Данкан

„Бугарија и ПЈР Македонија денеска потпишаа историски договор за добрососедство во Скопје. Го поздравувам многу фактот што по многугодишни преговори кои не носеа резултат, сега се успеа во пронаоѓањето спогодбено решение за отворените прашања. Со тоа, двете земји испраќаат важен сигнал за успешна билатерална и регионална соработка на Балканот...“, се вели меѓу другото во реакцијата на германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG