Собранието на Бугарија, на денешната сесија со 139 гласа „за“, го ратификуваше протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
На седницата на Парламентот во Софија присуствуваше и спикерот Талат Џафери.
„После толку години чекање пред вратите на НАТО, НАТО за нас станува реалност“, изјави Џафери.
Ниту еден од присутните пратеници не гласаше против или беше воздржан. На дебатата беа пратени и пораки дека македонските власти треба да водат сметка за правата на граѓаните кои се чувствуваат како Бугари.
„Со денешната ратификација ја покажавме решителноста на Бугарија да продолжи да ги решава проблемите во регионот и да се грижи за колективната безбедност. Г-дине Џафери, ви посакувам успех во не многу лесната задача да постигнете консензус и дијалог во вашето општеството“, изјави Цвета Карајанчева, претседателка на Собранието на Бугарија.
Џафери се сретна и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ја поздрави денешната ратификација.
„Парламентот го ратификуваше протоколот за Северна Македонија. Вложивме многу напори и би сакал да му се заблагодарам на Парламентот и на пратениците“, рече Борисов.
Со денешната ратификација во Софија сите три соседи-членки на Алијансата, Грција, Албанија и Бугарија, го потврдија приемот на Северна Македонија во НАТО, чекор што се оствари со потпишувањето и имплементирањето на Преспанскиот договор за името.
На оваа спогодба и претходеше Договорот за добрососедство со Бугарија, кој пак овозможи силна поддршка од официјална Софија за евроатлантските процеси.
Но, се` уште остануваат чувствителни прашања меѓу двете земји, пред се во делот на толкувањето на историјата, за кои вчера и денеска во Скопје дебатираше мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања.
Facebook Forum