Линкови за пристапност

Дипломатски „престрелки“ по вчерашните инциденти на границата


Грчкиот премиер и претседател ја обвинуваат Македонија, а македонското МНР - странските невладини организации во Грција

„Употребата на насилство на ниту еден начин не придонесува за решавање на проблемот со бегалците и е во директен судир со сите релевантни одредби од меѓународното и хуманитарното право“, се вели во еден од демаршите кои според грчкото Министерство за надворешни работи, шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Македонија Теохарис Лалакос вчера ги упатил за „јасно да го стави до знаење на најкатегоричен начин“ ставот на Грција, во врска со, според него, како што се наведува „неприфатливите инциденти што се случија во Идомени“. Според соопштението, амбасадорот Лалакос, „ги повикал властите во ФИРОМ да се издигнат над ситуацијата и да покажат соодветна одговорност, воздржаност и сериозност“.

И грчкиот претседател Прокопис Павлопулос остро ги осуди инцидентите на Идомени и оцени дека со насилниот однос кон бегалците, Македонија покажала дека не заслужува да биде членка - ниту на ЕУ, ниту на НАТО. „Соседните држави и тука конкретно мислам на ФИРОМ кои имаат амбиции да влезат во ЕУ и НАТО, кога се однесуваат кон бегалците како што се однесуваа вчера тука во Грција, со однос кој е незамислив, неприфатлив за хуманизмот, јасно е дека не им е местото ниту во ЕУ, ниту секако во НАТО“, истакнал Павлопулос. Грчкиот претседател упати критика и кон одделни ЕУ држави дека на проблемот наместо солидарно и хумано, реагирале со неоснована фобија кон проблемот, со став дека ако нема солидарност кон бегалците, тогаш ЕУ ќе се врати многу чекори назад во сите полиња на кои има направено напредок.

А грчкиот премиер Алексис Ципрас посочи дека инцидентите се голема срамота и за ЕУ и државите кои сакаат да станат дел од неа. „Против луѓе кои немаа оружје и не беа сериозна закана за нив, одговорија со солзавец и гумени куршуми. Сакам да кажам дека ова е голема срамота за европската култура и држави кои сакаат да се дел од европската култура“, рече Ципрас.

И според грчкиот Кризен штаб за бегалската криза Македонија би требало да размисли за употребата на солзавец, заслепувачки гранати и гумени куршуми.

А, според македонското Министерство за надворешни работи, вчерашните организирани масовни и координирани обиди за илегален премин на границата, според многу аспекти, „вклучувајќи ја и вмешаноста на активисти на невладини организации, имаат карактеристики и наликуваат на сличниот инцидент за масовно илегално преминување на границата од 14 март годинава, во кој беа инволвирани 2.500 мигранти“.

МНР потенцира дека вчера биле повредени 23 припадници на македонските безбедносни сили кои спречиле над 3.000 мигранти насилно да влезат од Грција на македонска територија.

„Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство, мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации. Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство, тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ“, се посочува во соопштенеито.

МНР тврди дека е употребен солзавец со цел да се растури насилната група. „Не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата. Дваесет и тројца припадници на македонските сили се повредени за време на инцидентот. Воедно, ниту еден од извршителите не е повреден на македонска територија. Утврдени се неколку оштетувања на граничната ограда... Воспоставувањето ред и мир во пограничната зона, како и во и околу центрите за прифаќање мигранти е од суштествено значење за превенирање вакви инциденти во иднина“, се нагласува во соопштението од македонското МНР.

Обидот за илегален влез се случи во недела околу 11 часот кај граничниот камен 59. Од вчера вечерта на македонско-грчка граница е мирно, а иако „Лекари без граници“ соопштија дека во безредијата има над 250 повредени бегалци, главно поради употребата на солзавец, со повреди од гумени куршуми или друг тип на повреди, АФП цитираше претставник на македонското МВР според кого, гумени куршуми не биле употребени.

Но, грчката полиција отворила истрага по странски активисти кои наводно се одговорни за летокот со кој се доведуваат во заблуда бегалците имигрантите дека границата ќе биде отворена, со текст на арапски јазик: „Термин за марш кон Македонија утре, недела, во 9 часот наутро“.

И Хелсиншкиот комитет на Македонија апелираше до МВР, при преземањето на полициски овластувања и одржувањето на јавниот ред и мир, полициските службеници треба да ја обезбедат неопходната заштита и почитувањето на правата на бегалците и мигрантите и да не применуваат несразмерна сила или активности. А „при употребата на хемиски средства и други средства за присилба, полициските службеници да не дозволат загрозување на животот и здравјето и да го заштитат физичкиот и моралниот интегритет на бегалците и мигрантите. Имајќи предвид дека нарушувањето на јавниот ред се случува на територија на две држави, неопходно е МВР своите активности да ги координира со грчката полиција“

И додека Eвропската комисија ги повикува мигрантите кај Идомени, да се преместат во законските бегалски кампови низ Грција, а македонската полиција секојдневно јавува за нови, откриени случаи на шверц со бегалци и мигранти на територијата на Македонија, на север, во Србија, 586 бегалци поднеле барање за азил и почнале постапка за добивање на азил, откако дури 1.800 останаа „заробени“ по затворањето на „Балканската рута“.

XS
SM
MD
LG