Линкови за пристапност

Курц: Ги повикувам граѓаните да гласаат „за“ на референдумот


Австрискиот канцелар даде поддршка да се заокружи Договорот со Грција

Себастијан Курц допатува, Јенс Столтенберг вчера си замина, утре доаѓа Ангела Меркел - како на фабричка лента се редат светски државници во Скопје со единствена мисија, а тоа е поддршка за престојниот референдум и порака што за Македонија ќе значи заокружување на Договорот со Грција.

Задачата денеска да го претставува гласот на меѓународната заедница му падна на австрискиот канцелар, кого грешката на протоколот, наместо со австриско, да биде пречекан со летонско знаме, не му го измести фоксуот на посетата.

„Решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион. Го поздравувам постигнатиот компромис и ги повикувам граѓаните да учествуваат на претстојниот референдум и да гласаат „за“ договорот и „за“ европската перспектива на Македонија. Тоа е одлука на секој поединец и навистина не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но, како пријател на Македонија и како членка на ЕУ мислиме дека би било многу позитивно ако има големо учество и позитивен исход на референдумот“, изјави Себастијан Курц, канцелар на Австрија.

Премиерот Зоран Заев рече дека пораката на Курц е „силна порака и поттик за Македонија во пресрет на референдумот на кој граѓаните ќе ја изберат иднината, ќе го дадат својот глас за одобрување на договорот со Грција со кој се гарантира местото на Македонија во ЕУ“.

До сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ, која се` уште тактизира околу референдумот, Курц ја прати истата порака како до Заев дека сега е времето за затворање на прашањето за името.

„Ќе ја пратам истата порака како до премиерот, така и до граѓаните и до опозицијата - важно е Македонија и балканските држави да имаат европска перспектива и да ја искористат, а дел од тоа е и решавањето на прашањето за името“, рече Курц.

Уште посилна порака до опозицијата се очекува од утрешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел, имајќи го предвид влијанието на нејзината ЦДУ врз ВМРО-ДПМНЕ, кое се` уште молчи за тоа дали ќе излезе да гласа, или ќе го бојкотира референдумот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG