Терористичкиот напад во Виена, како и информацијата дека напаѓачот е со потекло од Северна Македонија е една од главните вести во домашните медиуми.
Потврдата дојде од австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер, кој денеска соопшти дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена има потекло од Република Северна Македонија.
Станува збор за 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, кој бил осуден поради обид да отпатува за Сирија и да се приклучи на ИД. Фејзулаи бил роден во Австрија, но имал и македонско државјанство.
Австриската полиција преку Европол доставила барање до македонското МВР за соработка и информации за случајот.
„Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“, велат од МВР.
Eдна од жртвите во нападот во центарот на Виена, исто така, e со потекло од Северна Македонија, поточно од струшкото село Велешта. Според неофицијални информации станува збор за 20 - годишниот Неџип Вренези.
За трагичниот настан во главниот град на Австрија телефонски разговараа претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Австрија Ван Дер Белен.
„Претседателот Стево Пендаровски во телефонскиот разговор со неговиот австриски колега Александeр Ван дер Белен остро го осуди синоќешниот терористички напад во центарот на Виена и изрази жалење за загубените животи во овој насилнички акт. Пендаровски упатил длабоко сочувство до граѓаните на Австрија, како и до семејствата на жртвите и повредените“, информираат од Кабинетот на шефот на државата.
Премиерот Заев, пак, разговарал со австрискиот премиер Себастијан Курц.
Од Владата информираат дека Курц изразил благодарност до Заев поради искажаната солидарност и поддршка.
„Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со теорористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба“, велат од Владата.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска го прими австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас. На средбата Османи изразил целосна подготвеност на Северна Македонија да соработува со безбедносните органи на Австрија и Европол.
„Со оглед на појавените информации за можните двојни државјанства на некои од учесниците, добив потврда од нашите безбедносни структури дека се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол. Северна Македонија ќе се залага безрезервно во справувањето и сузбивањето на ваквите и било какви други видови на тероризам и насилство врз невини луѓе", пренел Османи на средбата со австрискиот амбасадор, соопштуваат од неговиот Кабинет.
Facebook Forum