Скршена рака, повреди по нозете, дупната глава, оставени без пари и без мобилните телефони. За жителите на пограничните села долж северната граница и хуманитарните работници, ова е еден од како што велат, многуте случаи на напади врз бегалците од Блискиот исток, на нивниот пат кон западноевропските земји, преку Македонија. Тие тврдат дека мигрантите се таргет на организирани банди, преку разработена шема, во соработка со дел од мигрантите.
Министерството за внатрешни работи досега поднело повеќе кривични пријави за разбојништва врз мигрантите, кои главно биле ограбувани, но и тепани.
„Кога ќе го поминат железничкиот премин Табановце, некаде во меѓуграничниот простор, овие луѓе, наместо кон Србија, дел од мигрантите ги насочуваат кон околните села. Таму ги пречекуваат локални банди, ги ограбуваат и тепаат“, велат волонтерите, кои во овој дел од северната граница ги има и од домашните и од меѓународните организации.
„Мигрантите не се криминалци, туку жртви, на кои државата треба да им обезбеди похуман третман и да им го олесни патот додека се на територија на Македонија“, велат од невладината организација „Легис“.
„Илјадници бегалци, баратели на азил и мигранти, вклучувајќи деца, бремени жени и стари луѓе кои преземаат опасни патувања преку Балканот, доживуваат насилни злоупотреби и уцени од страна на властите и криминалните банди“, предупреди и организацијата за заштита на човековите права Амнести Интернешенал во извештајот направен врз основа на наодите од четири истражувачки мисии во Србија, Унгарија, Грција и Македонија во периодот меѓу јули 2014 и март 2015 година, базиран на искази од стотици бегалци и мигранти.
Конкретно за Македонија, во извештајот се посочува лошиот третман во прифатниот центар во Гази Баба, и како што се наведува, „срамното запоставенување од лошиот систем за азил и миграција на ЕУ, кој ги остава заробени без заштита“.
Според податоците Канцеларијата на УНХЦР во Македонија, изминативе 24 часа, околу 3.000 мигранти заминале од југ кон северната граница. Нивните претставници и претставниците на Меѓународниот Црвен крст (ИФРЦ) оценуваат дека по првичниот хаос што настана на јужната граница, прифатниот центар сега нормално функционира.
„Изненаден сум од беспрекорната организираност на пунктот, овде останувам 2 недели и ќе дадам се од себе да помогнам на овие луѓе“, вели Џон Ендегал Нисен, од ИФРЦ. Од УНХЦР за денеска најавија нов бран од околу 7.000 бегалци на македонско- грчката граница.