Линкови за пристапност

Обвинетите за убиствата кај Смиљковско Езеро уапсени на Косово


Синоќа во Приштина се уапсени Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осомничени и обвинети за тероризам во случајот „Монструм“.

Поводот е грозоморното убиство на четирите момчиња од скопската населба Радишани и на рибарот од селото Црешево, на 12 април мината година, на првиот ден од Велигденските празници.

Министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Косово, потврдија дека во населбата Сончев Брег биле уапсени две лица чиј идентитет е утврден со дактилоскопските траги земени од косовската полиција и проверени и потврдени во базата на македонското МВР. По потврдувањето на идентитетот, на Африм Исмаиловиќ и на Алил Демири им е одреден 48-часовен екстрадициски притвор во Косово, во тек на кој треба да бидат комплетирани сите документи што се неопходни за започнување на постапката за екстрадиција.

Македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска официјално потврди дека се работи за обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, кои биле проведени од Главниот директорат за криминалистички работи на Косово. Јанкуловска и се заблагодари на косовската полиција за соработката, а таа и косовскиот министер Бајрам Реџепи, денес разговарале за забрзување на подготвителните постапки за екстрадиција на уапсените македонски државјани.

Со оглед на фактот дека во истрагата во Македонија не беше пронајдено оружјето со кое е извршено злосторството, а во двата стана што во Приштина ги користеле Демири и Исмаиловиќ се пронајдени неколку парчиња оружје, ќе се изврши балистичко вештачење, за да се утврди дали од тоа оружје можеби се убиени петте жртви кај Смиљковското Езеро.

Информацијата за идентитетот на уапсените на Косово, ја потврди и адвокатот Насер Рауфи, спорред кого се работи токму за неговите клиенти: „Беше познато дека е распишана меѓународна потерница и тие се сега достапни за нашиот правосуден систем. Сега ќе се чека екстрадиција, па да се вклопат во предметот бидеќи постапката за нив двајца не е развиена и истите се судат во процесот кој е во тек“

Во скопскиот Основен суд 1, од 20 декември минатата година се води судска постапка против братот на Африм, Агим Исмаиловиќ, и против Фејзи Азири и Рами Сејди, за тероризам, а против Хаки Азири за помагање. Според обвинителниот акт тие се извршители на убиствата на Цветанчо Ацевски (19), Кире Тричковски (21), Александар Накевски (18), Филип Славковски (20) и Борче Стевковски (45).
XS
SM
MD
LG