Линкови за пристапност

Полициска акција „Компас“: десетмина осомничени за компјутерски криминал


Наводно ги ловеле жртвите - странци со електронски (спам) пораки, со линкови што воделе до лажни Интернет страници

Американци, Австралијци, Новозеланѓани, но најмногу Канаѓани наводно се фатиле во мрежата на десетина македонски хакери, коишто од нивните сметки извлекле нешто повеќе од 95.000 долари и 99.000 евра. Македонската полиција тврди дека жртвите ги ловеле со електронски (спам) пораки со линкови што воделе до лажни Интернет страници, а странците мислеле дека плаќаат сметки.

„Најпрво правеле лажни страници на комуналните претпријатија во повеќе земји, потоа испраќале електронски пораки до странските државјани и преку тие линкови ги наведувале до лажните страници каде практично ги краделе нивните податоци“, изјави портпаролот на Минисстерството за внатрешни работи (МВР), Иво Котевски.

Според МВР, со овие податоци, што најчесто биле од банки во Канада, криминалците си префрлале пари на свое име, користејќи ги услугите за брз трансфер на пари Вестерн јунион и Маниграм, а парите си ги подигнувале прво во Македонија, а потоа и на Косово.

Деветмина од осомничените за овој вид криминал, познат како „фишинг“, на возраст од 21 до 33-годишна возраст од Скопје, Прилеп и Штип, синоќа се приведени во полициската акција со кодно име „Компас“. Тројца од нив добија противор во траење од 30 дена, а по уште еден осомничен дека бил од оваа хакерска група е распишана потерница. Според Котевски, првообвинетиот, 32- годишниот прилепчанец со иницијали Р.П. веќе имал досие за ваков вид криминал.

„Тој веројатно е првиот македонски државјанин којшто досега бил пријавен за ваков криминал. Против него уште во 2000-та година е поднесена кривична пријава за слично кривично дело. Лицата се поврзани меѓу себе. Според сознанијата со кои располагаме, контактирале и ги коориднирале своите активности“, вели полицискиот портпарол.

Дали десетимата осомничени навистина се сторители на овој криминал ќе покаже истрагата на Одделението за дигитална форензика на предметите земени од нивните домови - компјутери, мобилни телефони, хард-дискови и друга опрема, додека Обвинителството и полицијата ќе откриваат дали некој им помагал.

XS
SM
MD
LG