Линкови за пристапност

На роденденот, АРМ доби нов началник на Генералштабот


„Угледот на АРМ во светот не е стекнат на парада, туку во мисии“, рече генерал-мајорот Методија Величковски

На одбележувањето на 18-ти август, денот кога во 1943-та година е формиран баталјонот "Мирче Ацев" како прва регуларна воена единица на македонската војска во Втората светска војна, а којшто денес се чествуваше и како Ден на Армијата на независна Македонија, односно 23-та годишнина од формирањето на АРМ, претседателот Ѓорге Иванов како врховен командант ја направи најголемата досега смена во Генералштабот.

Покрај указот со којшто за нов началник на ГШ на АРМ е назначен генерал-мајорот Методија Величковски, на местото на генерал-потполковникот Горанчо Котески, комушто мандатот му истекна минатата година, Иванов потпишал уште 15 укази за поставување, унапредување и разрешување на генерали Така, уште шестмина генерали ротираа на други позиции, напредувајќи во кариерата, а петмина беа разрешени, четворица поради пензионирање и еден поради заминување на друга должност. Медиумите јавуваат дека покрај заменик-началникот на ГШ, генералот Насер Сејдини, на чиешто место доаѓа генерал Мухамед Рацај, разрешен е поранешниот началник на ГШ и досегашен советник за одбранбени и стратегиски прашања, генерал-потполковникот Мирослав Стојановски, којшто заминува во пензија

Досегашниот началник на ГШ, генералот Котески, е назначен за советник за воени прашања на врховниот командант, а неговиот наследник Величковски доаѓа од позицијата командант на Здружена оперативна команда. Покрај Воената акдемија, Величковски има завршено и Командно-штабна академија и Школа за национална безбедност и одбрана во Бугарија и е магистер за стратегиско раководење со одбраната и вооружените сили. Меѓу другите признанија, одликуван е и со медал од Националната гарда на Вермонт, САД.

На денешната прослава, претседателот Иванов истакна дека АРМ е синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам и дека се гордее со Армијата, „признавана и одликувана во татковината и надвор од неа“. Но, според него, иако АРМ учествува во мисиите во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина, се сочува со двојни стандарди за влез во НАТО. Според Иванов, „Македонија е подготвена за членство во НАТО, иако одамна ги исполнивме критериумите, предолго чекаме да го заземеме местото кое ни припаѓа“. Тој потенцираше и дека досега војниците на АРМ, во мировни мисии, учествувале во девет ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан.

Претседателот најави и нова стратегија поради соочувањето со нови закани. „Новата Стратегија за одбрана ќе пропише обврски за градење на институциите за соочување со заканите. Одговорот на институциите мора да биде единствен и координиран. Одговорот мора да биде навремен и превентивен“, рече Иванов.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека припадниците на АРМ оваа година ќе учествуваат на 11 вежби на НАТО и најави дека ќе се трансформира Воената академија во Универзитет за национална одбрана, и дека се планира отворање на Катедра за воено воздухопловство којашто би работела со Центарот за обука на пилоти во Министерството.

Сепак, досегашниот началник на ГШ на АРМ, генералот Котески, пред заминувањето од функцијата, потенцираше дека ќе биде неопходно вложување на повеќе напори за подобрување на стандардот на сите припадници на АРМ, како и реализација на голем број проекти за да се подобрат стандардите за обука и да се одржи интероперабилноста со НАТО, за што ќе мора да се одвојат повисоки буџетски средства.

XS
SM
MD
LG