Линкови за пристапност

Припадници на Армијата на САД ги претставија своето вооружување и опрема на скопјани


Американски војници на отворена презентација кај портата „Македонија“ во Скопје,  претставија дел од своето вооружување, теренски возила, медицинска и заштитна опрема

Дел од опремата која ја користи контингентот од триста војници, припадници на Армијата на САД во Европа, кои до 10 август, со 120 возила ќе учествуваат на теренската вежба „Dragoon Guardian 17“, со 95 припадници на АРМ, на армискиот полигон Криволак, денеска им беше претставен на жителите на македонската престолнина.

На манифестацијата на која амбасадата на САД ги покани скопјани и со соопштение, беше претставен дел од опремата на инженерската единица на копнените сили на Армијата на САД за Европа и на инженерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ која ќе се користи на заедничката вежба.

На отворената презентација беа присутни и амбасадорот на САД Џес Бејли и заменик-министерот за одбрана Беким Максут, а слични презентации за макеоднските граѓани ќе се одржат и во Штип, Велес, како и во Струга и Струмица.

​Една од целите на вежбата „Dragoon Guardian 17“, која е дел од плодната соработка меѓу двете армии, е продлабочување на билатералната соработка со САД, низ понатамошен развој на заемното разбирање и доверба.

По пристигнувањето на контингентот на вооружените сили на САД во Македонија преку граничниот премин Деве Баир, во Куманово се одржа пригодна свеченост на која министерката за одбрана Радмила Шекеринска изрази задоволство што САД го одбраа армискиот полигон „Криволак“, за реализација на проектот, додавајќи дека заедничката вежба на војниците на американската армија и на АРМ, ќе ги подобри интероперабилноста, размената на искуства и развојот на стандардните оперативни процедури.

„Уверена сум дека оваа голема вежба ќе биде одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери - САД“, рече, меѓу другото, Шекеринска.

Амбасадорот Бејли пак потенцираше дека „заедничките вежби ја доближуваат Македонија до НАТО... Преку билатерални обуки и вежби и преку настани и операции поддржани од НАТО, ние ѝ помагаме на Македонија да се подготви за полноправно членство во НАТО“.

Според најавите во медиумите, за време на вежбата, војниците во Криволак заеднички ќе градат писта за слетување беспилотни летала, којашто потоа ќе ја користи АРМ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG