Со тенџериња и капаци, канти, метални лажици, тапани и вувузели, неколку илјади граѓани на улиците на Скопје синоќа уште еднаш го кренаа гласот против власта. Протестниот марш, организиран од „Граѓаните на Македонија“ под мотото „Ука, бука, оди си Никола“, во 18 часот тргна од тнр. „Камп на слободата“ пред Владата и заврши пред домот на премиерот Никола Груевски.
Колоната демонстранти со силно удирање во кујнските реквизити извикуваа пароли: „Оставка!“, „Нема правда, нема мир“, „Оди си Никола“, „Готов е“. Од импровизираната улицата спротив зградата во која живее Груевски говореа граѓанските
активисти Васко Лазаревски и Петрит Сарачини и портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, додека објектот беше чуван со силно полициско обезбедување.
Сите тројца во своите говори му порачаа на премиерот „што
побрзо да ја напушти Владата и да го спаси народот од беда“.
„Дојдовме да ти кажеме – готово е Никола. Овде дојдоа социјалдемократи, активисти, горди граѓани на Република Македонија. Дојдовме овде со чисти тенџериња и тавчиња зашто сме домаќини луѓе, дојдовме да ти кажеме дека твоите запршки и манџи се завршена работа. Ќе останеш запамeтен како маргиналец кој станува криминалец и ништо друго“, рече Шилегов.