Линкови за пристапност

Критики од амбасадорите за Владата


Странските дипломати по средбата со премиерот Груевски изразија сомнеж во нејзината определба за демократските принципи

„Конкретно му ја повторивме нашата загриженост на премиерот дека неговата Влада не направила напредок во врска со многу наводи за владини неправилности кои произлегуваат од објавените разговори („бомбите“ на ошпозицијата - н.з). Ова континуирано недејствување предизвикува сериозен сомнеж за определбата на Владата на Македонија за демократските принципи и вредностите на евроатлантската заедница. Натамошниот неуспех да се демонстрира оваа определба со конкретна акција ќе го поткопа прогресот на Македонија кон ЕУ и НАТО“, се вели во заедничката изјава на странските дипломати, којашто ја соопшти американскиот амбасадор Џеф Бејли по деведесетминутната средба на амбасадорите на САД, ЕУ, Германија, Велика Британија, Франција и Италија со македонскиот премиер Никола Груевски.

Од погребот на 47-годишниот полицаец Бобан Ивановиќ којшто загина во акцијата во Куманово
Од погребот на 47-годишниот полицаец Бобан Ивановиќ којшто загина во акцијата во Куманово

Според оваа изјава, покрај актуелниот кумановски инцидент, теми на разговорите биле и повеќемесечната политичка криза во Македонија, но и реакциите по повод објавените содржини на прислушуваните разговори, а странските дипомати се загрижени и поради, како што наведуваат, неактивноста на Владата за расчистување на наводите од прислушуваните телефонски разговори „за многуте обвинувања за владино погрешно работење“.

Според Бејли, амбасадорите на средбата изразиле очекување дека според објавените разговори коишто откриваат јасно, неприфатливо однесување, против одговорните ќе бидат преземени соодветни политички и законски мерки.

„Со цел да се постапи по институционалните слабости кои ги откриваат разговорите, ја повикавме Владата да ги разгледа специфичните реформи, вклучувајќи го интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, слободата на говорот и заштитата на оние кои ги откриваат информациите“, потенцирал Бејли. Амбасадорите соопштиле и дека целосно го поддржуваат фундаменталното демократско право на граѓаните за собирање и мирен протест, а го повториле и апелот до сите страни да се воздржат од насилство.

Реакција на жителка на Куманово откако ја здогледала својата куќа оштетена во акцијата
Реакција на жителка на Куманово откако ја здогледала својата куќа оштетена во акцијата

Амбасадорите со премиерот Груевски разговарале и за ситуацијата во Куманово, го осудиле насилството, ја поздравиле иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за средба со сите партиски челници, и ги повикале граѓаните да бидат воздржани по загинувањето на полицајците во кумановската акција.

На вториот ден на национална жалост, главна тема во Македонија беа кумановските настани. Дел од медиумите ја објавија информацијата на МВР дека, наводно, цел на вооружената група разбиена во Куманово бил и Камениот мост во Скопје и дека неговото минирање би предизвикало страв и паника и би ги раздвоило етничките Македонци и етничките Албанци. Вооружените лица, според неофицијални медиумски информации од сослушувањата, имале план за напад врз полициски станици во местата со мешовито етничко население - Зајас, Кичево, Куманово, Тетово и Гостивар; влегле во Македонија за време на првомајските празници, изнајмиле куќа во кумановската „Дива населба“ и таму го пренеле оружјето.

Иако и министерката за внатрешни работи Гордана Јнакулоска, и премиерот Груевски, и претседателот Иванов во обраќања пред македонската јавност потенцираа дека се работи за голем успех на македонските безбедносни сили коишто ја совладале „најопасната терористичка група на Балканот“, се појавија и бројни контра-ставови, па и директни обвинувања.

Жител на населбата каде што се водеше борбата ја испитува штетата
Жител на населбата каде што се водеше борбата ја испитува штетата

Според професорот Стево Пендаровски, конкурент на претседателот Иванов на последните претседателски избори, „инцидентот во Куманово е фабрикуван од власта и поконкретно од македонската партија во владеачката коалиција на премиерот Груевски“. Пендаровски за бугарската агенција БГНЕС изјавил дека кај експертите и аналитичарите во Македонија преовладува мислењето оти оружениот инцидент е инсцениран од Владата, за да се спречи најавениот, голем опозициски митинг планиран за 17-ти мај.

„За жал, Македонија се` уште е далеку од крајот на кризата, Груевски во ниедна варијанта нема да си поднесе оставка, оти тој нема нема чувство за одговорност. Тоа им е јасно на сите граѓани во Македонија“, вели Пендаровски за бугарската агенција.

И полицискиот генерал Стојанче Ангелов, ветеран од конфликтот во 2001-та, уште на 4-ти април годинава, на еден од митинзите за „ослободување на Македонската телевизија“ изјави, а тоа подоцна не беше од никого демантирано, дека имал информации оти со „два милиона евра од Македонија се платени банди на Косово, сосотавени од етнички Албанци, коишто немаат врски со УЧК, но треба да одглумат дека се припадници на УЧК и да извршат убиства на македонски полицајци и војници, за да предизвикаат меѓуетнички судир“.

Според Павле Трајанов, пак, претседател на Демократскиот сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, „одговорноста за загинувањето на полицајците во Куманово е на власта“. Тој за порталот „Фактор“, изјави дека се „забележливи одредени пропусти на оперативните служби, со што се добива впечаток дека полицијата е практично голо изложена на стрелба. Не можам и не сакам да навлегувам во разноразните шпекулации за сценаријата за овој немил настан. Сепак, треба да почекаме да се стабилизира целата ситуација, затоа што има една нејасна работа, а тоа е што не се знае кој стои зад овие терористички групи и кои се нивните цели... Прво ни се случи Гошинце, па сега инцидентот во кумановската „Дива населба“, тогаш одговорноста мора да ја понесе власта. Не може за ова да се обвинува опозицијата, тоа е далеку од умот!“, вели Трајанов, кој во едно друго интервју, постави две прашања: „Кој стои зад вооружената платеничка група која се судри со припадниците на безбедносните сили и кои се нивните цели?“

Хабиби Бијали крај она коешто останало од нејзината куќа
Хабиби Бијали крај она коешто останало од нејзината куќа

Вое­ниот аналитичар и поранешен офицер на АРМ и портпарол во време на воените дејствија во 2001-вата, Благоја Марковски, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека „целта на кумановската група била да ја загрози безбедноста на институциите и да го заплаши населението, влевајќи му страв и несигурност“, но дека групата не успеала да ја постигне целта. Според Марковски, кумановската вооружена група е класичен пример на урбана терористичка формација, со строга хиерархија, којашто имала поддршка од локални јатаци, а не од локалното население.

Универзитетскиот професор, поранешен војник и офицер, ветеран од борбите во 2001-ва, Методи Хаџи-Јанев за „Нова Македонија“ изјави дека „јатаците (локалната логистика – н.з.) допрва треба да се идентифицираат, и тоа ќе го стори истрагата. Во овој контекст, постои сериозна можност многу лесно вооружените припадници да се стопиле со цивилите, пред непосредното опкружување. Тоа значи дека бројката, според овие информации, барем што сега ги имаме, претпоставувам дека е поголема за 10-20 припадници“.

Според него, сосема е можно терористите да се влезени легално на граничен премин во Македонија, којашто е отворена држава и границата секојдневно ја преминуваат голем број лица.

Македонските медиуми ја пресоа и изјавата на хрватскиот експерт за геополитика, професорот Влатко Цвртило, според кого „Македонија е земја на која Грција не ѝ го признава името, која Европа сè уште не ја сака, а НАТО ја држи во чекалницата - фрустрации има многу“.

„Кога би се обиделе да одговориме на прашањето кому најмногу му одговара - тоа се токму владејачката структура и премиерот Никола Груевски. Тој е притиснат од опозицијата, но и од јавноста, поради сето она што се дозна преку прислушувањето и други работи што Владата ги правела неколку години. Тој се соочи и со можноста да дојде до голем притисок, можеби и предвремени избори и некои други настани што би ја ослабиле неговата власт. Со оглед на сето ова, овој настан, но и оној што се случи пред две недели, сличен на овој - беа во негова корист и тој успеа да ја консолидира својата власт“, изјави Цвртило.

И Илија Николовски, генерал во пензија кој во 2001-ва бил командант на Вториот армиски корпус, во интервју за ТВ Канал 5 во живо, кое необјасниво за гледачите, беше прекинато, потенцираше дека „оценка на многу специјалисти и стручњаци е дека се работи за платеници, што е контрадикторно со она што го кажува власта. Во оваа тешка економска криза во регионот ако некој може да оди како платеник во Авганистан, во Сирија и во други земји, многу полесно ќе му биде да дојде во Македонија да дејствува и за некоја пара да дејствуваат и потоа да се повлечат. Не знам кој е организаторот и која ја контролира оваа криза, меѓутоа имам чувство дека организаторот некои работи не ги предвидел и дека работите му истекнале од контрола и затоа ги повикувам организаторите да преземат одредени мерки и активности ова да не ескалира. Не сакам ни да помислам дека некој ја провалил полициската акција, меѓутоа спрема бројот на жртвите кои се најавуваат, имам чувство дека некој полицајците ги изложил како живо месо“, рече генералот.

XS
SM
MD
LG