Линкови за пристапност

Нова група македонски војници за Авганистан


Ова е 16-та ротација на припадниците на АРМ што заминуваат во ИСАФ, воедно и претпоследниот контингент.

Некои за првпат ќе стапнат на територијата на Авганистан, а други се враќаат на познат терен; сите се дел од претпоследниот контингент војници на АРМ, кои деновиве заминуваат во меѓународната мисија ИСАФ. Со или без искуство, сите 150 македонски мировници од Првата механизирана пешадиска бригада изминатите шест месеци беа на обука во Германија.

„Персоналот е доста обучен и оспособен за извршување на мисијата и доста одговорно ќе настапиме кон нејзино извршување. Учествував во ваква мисија во 2008-ма година, но тоа не не` прави порелаксирани, туку, напротив, поодговорно ќе настапиме за извршување на зададената задача“, вели капетан Зоран Станковски, кому ова му е втора мисија, исто како и на постариот водник Валентина Јовановска. На свеченоста во тетовската касарна, освен првите луѓе на одбраната и војската, ги испратија и нивните најблиски.

“Првата мисија ја имав во Сараево во 2010-та и љубовта и поддршката што ја имам од семејството е она што ме крепи да заминам на оваа мисија“, вели Јовановска.

Командатата на ИСАФ во Кабул, пак, е сосема нов и непознат терен за постариот водник во АРМ Неџат Јусуфи.

„Подготовките што ги имавме тука во нашата земја и во Германија ни даваат голема сигурност за извршување на задачите во Авганистан и чест ми е да ја претставам армијата во Авганистан“, раскажува Јусуфи.

И началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котевски и министерот за одбрана Талат Џафери веруваат во подготвеноста, професионалноста, одговорноста и храброста на македонските војници. Сепак, тие потсетија дека борбените дејства бараат реален и одговорен пристап, а не импровизации.

„За оваа мисија, ние имаме капацитети за придонес со експерти за обука и советување во областите на воената полиција, врските и разузнавањето и други области согласно потребите на Авганистан и нашите способности и капацитети“, кажа министерот Џафери.

Ова е 16-та ротација на припадниците на АРМ што заминуваат во ИСАФ, и воедно претпоследниот контингент. Но, Македонија и по завршувањето на ИСАФ останува присутна на теренот, во новата мисија на НАТО „Одлучен одговор“.
XS
SM
MD
LG