Анализите кои биле направени во дел од судовите низ државата во рамките на проектот „Безбедност и здравје при работа на вработените во судските институции“ на Здружението на судска администрација, покажува дека дури огромно мнозинство од нив се соочуваат со некакви мускуло- скелетни заболувања.
„Иако сметаме дека административните работни места се безбедни за работниците, најголем дел од испитаниците се соочуваат со болки во горниот дел на грбот, рамената, лумбулната регија и дланките, спондилоза...“, изјави Биљана Матевска- надворешен консултант по ергономија.
Повеќе од половина од испитаниците припаѓаат во возрасната категорија над 45 години. Повеќе од 80% од испитаниците се од женскиот пол. Во образложението на истражувањето се вели дека во државните институции работната опрема е застарена и речиси никаде не се набавени работни маси кои се подесуваат по висина. Поради тоа, се вели, дека е многу важно работните столчиња во кои испитаниците го поминуваат своето работно време да се поднесуваат по висина за да се овозможи природна положба на телото при работењето.
„Кога работиме пред компјутер работиме во една иста положба. Таа положба е седечка положба во која поминуваме повеќе од осум часа во текот на денот, само на работното место“, додава Матевска.
Поради ваквата појава на вработените судски административци им се предлага да практикуваат вежби на своите работни места, за време на паузите или во одреден период од работниот ден. За таа цел ќе им бидат поделени и специјални брошури.
„Ние примаме здрави луѓе и треба како такви луѓето да го завршат својот работен стаж. Вежбите нема да бидат задолжителни, но ќе бидат препорачливи“, вели Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација.
Државниот инспекторат за труд алармира дека само во 2018 година се случиле 793 повреди на работните места. Според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа ланската година загинале 33 работници на своите работни места.
„Ние како здружение инициравме процес да видиме на што се должат ваквите повреди и несреќи на работа“, вели Весна Ристеска од ова здружение, која додава дека во државата нема единствен систем за евиденција на повреди како и регистар за професионални заболувања.
Facebook Forum