На јавната расправа за измените на Законот за прекин на бременоста во Законодавната комисија во македонскиот парламент, со образложение дека досега немало пракса претставници на верски заедници да присуствуваат на расправи во законодавниот дом, не им било дозволено на свештени лица од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да присуствуваат и да полемизираат со пратениците и со претставниците на граѓанскиот сектор, за предложените законски измени.
И МПЦ-ОА и Исламската верска заедница жестоко се спротивставуваат на измените на законот со кои се олеснува правото на абортус. Од друга страна, речиси едногласна поддршка на предлог–законските измени со кои се либерализира правото на жената за прекин на бременоста, им дале претставниците на невладините организации за женски и родови права, и присутните пратеници и функционери кои го поддржале законско решение што овозможува право на избор.
„Мајчинството е ексклузивно право на жената, и бројот на деца, доколку таа сака. Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката, да одлучува за ова право на жената. Наша задача е да обезбедиме услови - тоа право жената да си го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза за тоа квалитетно и стручно да се заврши“, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.
И Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права се заблагодарила на Собранието за недозволувањето на непоканетите претставници од верските заедници да учествуваат на расправата: „Никој нема право, најмалку верските заедници да влезат во овој дом. Република Македонија е секуларна држава и многу ни е драго што беше спречено нивното влегување. Тука се носат световни закони, тие во своите храмови нека одлучуваат за небесните. Господ секогаш и бил најголем непријател на жената и нема право да се зборува за верски чувства при носење на овој закон“
Пратеничката Маја Морачанин, претседателка на „зелената“ партија ДОМ, на расправата истакна дека усвојувањето на законските измени е значајно од два клучни аспекта: „Првиот е почитување на правата на жените, како човекови права. Жената има право самостојно, според сопствената слободна волја, да одлучува дали, кога и колку деца сака да роди. Вториот се однесува на заштитата на здравјето на жените и затоа државата е должна да обезбеди пристап до легален и безбеден абортус… Со Законот не се фаворизира абортусот, туку се пропишуваат условите и постапката за безбеден прекин на бременоста на жените кои донеле таква одлука и воопшто не ги засега жените кои сакаат да родат”, изјави Морачанин.
Со предложените измени на Законот за прекин на бременоста, се укинуваат досегашните административни бариери - чекањето три дена по советувањето за абортус, законскиот рок од една година меѓу два абортуси, а се дозволува - абортус до 12-тата гестациска недела на барање и со согласност на жената, од 12-тата до 22-та недела - на барање на жената, со тоа што по медицински индикации, таа не мора да оди на лекарска комисија, а по 22-та гестациска недела, е превидено задолжително поднесување на барање до првостепена комисија, составена од два гинеколога и еден социјален работник, но со право на жалба на одлуката на комисијата.
Постоечкиот закон го изгласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, која себеси се дефинира како народна, демохристијанска партија и пратениците на тогашниот коалиционен партнер во Владата, албанската Демократска унија за интеграција. Владата на Никола Груевски, тогаш тврдеше дека е изгласан закон врз основа на позитивни искуства од развиените европски земји, со кој, на жената во Македонија, преку советувања и е дадена шанса да биде целосно информирана за ризиците, опасностите и компликациите на абортусот, за таа, на крајот да ја донесе својата одлука, според уставно загарантираното право на слободен избор.
Невладини организации го оспорија законското решение до Уставниот суд, но уставните судии ја отфрлија нивната иницијатива.
Македонската православна црква - Охридска Архиепископија и понатаму е против прекинот на бременоста. Медиумите ја цитираа изјавата на Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, кој беше дециден дека „наше е да кажеме што е добро, а што е зло. Јас советувам, повикувам и замолувам, бидејќи знаеме дека во светот има многу бездетни родители, кои ете, поради некоја причина не можат да имаат деца... Советувам наместо да ги абортираат, да ги родат и да ги дадат на посвојување и тие деца да не се уништат, а и родителите да бидат среќни и весели со новите рожби.
И Исламската верска заедница отворено застана против абортусот.
Но, театарската режисерка и граѓанска активистка, Драгана Гунин, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, е децидна дека „секоја жена знае што е најдобро за нејзиното тело и има одговорност за истото“
„Правото на абортус е мое лично право и право на секоја жена. И не смее никој да ми го ограничува правото на избор за една толку лична, интимна и деликатна тема, поврзана со моето тело и репродуктивен систем“, вели Гунин. Според неа, жените заслужуваат право на избор.
„Апсурдно е што воопшто се дискутира за тоа прашање во 21. век, затоа што живееме во едно демократско општество кое треба да се грижи за правата и неограничувањата во донесување на одлуки во животот на своите граѓан(к)и, односно, не смее да им биде непријател и да им го отежнува животот“, смета Гунин.
Според Бајрам Бејта, пак, оџа во џамијата во скопското село Идризово, „не смее да се заборави дека децата се најголемото богатство“, како и дека „исламот абортусот го третира како убиство и казнено дело“.
„Во денешниот цивилизиран свет, со најразвиена технологија и со разни методи на организиран живот кои овозможуваат соодветно семејно планирање, ние сепак, се соочуваме со еден од најголемите проблеми – абортусот. Тоа е проблем и меѓу припадниците на исламската вероисповед, иако уште со самото појавување на пророкот Мухамед, исламот јасно го дефинира абортусот. Исламот - абортусот го третира како убиство и казнено дело, освен во одредени случаи, како што е ризикот дека плодот ќе и наштети на мајката, или при загрозување дури и на нејзиниот живот, кога, за да се спаси мајката - се оправдува абортусот. Но, во другите случаи, на пример, стравот на мајките дека нема да можат финансиски да ги издржуваат нивните деца, или неочекуваната бременост, или неисполнетата желба на родителите да имаат токму машко или токму женско дете..., се ‘причини’ за абортус, на кои исламот се спротивставува и не ги оправдува! Алах во Куранот ни се обраќа и нè охрабрува велејќи - ‘Не ги убивајте вашите деца поради стравот од сиромаштија Ние ќе ве снабдуваме, тоа е голем грев’“, рече оџата Бејта во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик
„Никогаш не би се ставила во позиција да му кажувам некому - што треба да прави со своето тело! Затоа очекувам да се почитува и моето право сама да одлучувам за себе. (И притоа, не зборувам за тоа кого би вклучила во процесот, тоа е исто така, моја интима и мое право да ги заштитам моите одлуки!)... Секоја жена знае што е најдобро за нејзиното тело и сноси одговорност за истото. Со потпишувањето на Истанбулска конвенција, нашата држава, исто така, има одговорност и се обврзува да им ги овозможи правата на жените и да ги заштити од било каков тип на родово базирано насилство“, потенцираше нашата соговорничка.
Според оџата Бејта пак, „во време на пророкот Мухамед, заради недостигот на денешната технологија, со која родителите рано се информираат за полот на плодот, се случувало, женските деца по раѓањето, дури и живи да ги закопуваат, поради тоа што верувале дека тие носат несреќа! И сето тоа успеал пророкот Мухамед да го спречи! Децата да не бидат жртви поради полот… Во Светата книга Куранот се вели: „Господ им дава машки и женски деца на тие што тој сака, тоа значи дека и полот е негова одлука“... За да се објасни подобро исламскиот став за абортусот, треба да се знае, исламските научници нè учат дека дури и во случај на силување, ако жртвата забременила - не се дозволува абортусот, зашто плодот-детето, не се виновни. Кога во време на пророкот Мухамед била нападната бремена жена и убиена, на убиецот му била изречена казна и за мајката и за плодот, односно, за детето кое го носела... Во исламот е одговорна и мајката која нема да внимава за да не дојде до спонтан абортус или не се придржува до советите и упатствата на лекарот, како што се забраната за користење алкохол и други штетни нешта во текот на бременоста...“, ни изјави оџата.
„Верувам дека од сево ова може да сфатиме дека во денешно време, кога постојат разни начини и можности за заштита од несакана бременост, секако дека не треба изборот на родителите да им биде абортусот, зашто, пред сè - е убиство Би им порачал на почитуваните родители да бидат внимателни, да изберат некој од начините за планирање на семејство и да се заштитат од бременост, но никако нивниот ‘најлесен’ избор да не биде абортусот!“, рече Бејта во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.
Facebook Forum