Линкови за пристапност

Прекин на бременоста е право на жената во Северна Македонија


Денеска стартуваше и кампањата „Слобода е кога самата одлучуваш“ на Асоцијација за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, чија цел е зајакнување на свеста за придобивките со новиот Закон за прекинување на бременоста

„Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе! Голема благодарност и до граѓанските организации, со кои заеднички го работевме новиот Закон, во интерес на сите жени... Волјата на жената е на прво место“, се вели во пораката на Министерството за здравство, по стапувањето во сила на новиот Закон за прекинување на бременоста

Во споредба со досега важечкиот закон кој последните години предизвикуваше жестоки реакции во македонската јавност и особено, во женските организации во невладиниот сектор, се крева нивото на репродуктивната слобода во државата. Новиот Закон за прекинување на бременоста е донесен и објавен во „Службен весник“ од 22-ри мај годинава, така што, со неговото стапување во сила, се укинати досегашните законски предвидени административни процедури коишто го пролонгираа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.

„Со новиот закон, на жените им се овозможуваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката и со методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста, на начин разбирлив за жената - со цел да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност, а воедно се укинуваат административните бариери, односно чекањето од три дена по советувањето“, соопшти Министерството.

Денеска стартуваше и кампањата „Слобода е кога самата одлучуваш“ на Асоцијација за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, чија цел е зајакнување на свеста за придобивките со новиот Закон за прекинување на бременоста. За законските промени ХЕРА ќе дистрибуира информативни постери во јавните и приватни здравствени установи низ Македонија, а преку социјалните мрежи ќе бидат достапни и анимирани видеа, со цел - добросостојбата на жената повторно да биде на прво место.

Со Законот во чија подготовка учествуваше и ХЕРА како една од претставничките на Платформата за родова еднаквост, се предвидува и подготовка на клиничко упатство за безбеден абортус, како и регистрирање на лековите за медикаментозен абортус. Законот предвидува и ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста да може да се изврши со писмена согласност на нејзиниот родител или старател.

Според новиот закон, со писмена согласност од бремената жена, прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела, а за првпат, се овозможува и прекинување на бременоста со медикаментозен метод (т.н. абортус со лекови), до деветтата гестациска недела, во здравствена установа од примарна здравствена заштита.

Со писмена согласност од бремената жена, прекин на бременоста може да се изврши по барање и по истекот на дванаесеттата гестациска недела, во точно определени случаи: кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, кога врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, кога до зачнувањето дошло со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење, или кога ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето жената би можела да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.

Законот предвидува и можност за прекин на бременоста и до дваесет и втората гестациска недела, по писмено барање од бремената жена, односно од родителот или старателот, со тоа што претходно доктор може да побара мислење и од друг доктор-специјалист од соодветна гранка на медицината. По дваесет и втората гестациска недела за прекин на бременоста одлучува првостепена комисија во здравствена установа, а бремена жена која не се согласува со нејзината одлука, има право на приговор и до второстепена комисија, составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.

И донесувањето на новиот Закон за прекин на бременоста помина во атмосфера на жестоки полемики во македонското општество, речиси како и усвојувањето и спроведувањето на претходниот, рестриктивен закон.

На јавната расправа пролетва, за измените на Законот за прекин на бременоста во Законодавната комисија во македонскиот парламент, на која, предлог–законските измени со кои се либерализира правото на жената за прекин на бременоста добија речиси едногласна поддршка од невладините организации за женски и родови права, и од присутните пратеници, не им беше дозволено присуство на свештени лица од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија кои сакаа да учествуваат и полемизираат. И претходно, и во актуелниот случај, МПЦ-ОА и Исламската верска заедница се спротивставуваа на измените на законот со кои се олеснува правото на абортус.

​Но, ставот на министерот за здравство д-р Венко Филипче беше дека „мајчинството е ексклузивно право на жената... Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката, да одлучува за ова право на жената“, а пратеничката Маја Морачанин, истакна дека со новиот закон „не се фаворизира абортусот, туку се пропишуваат условите и постапката за безбеден прекин на бременоста на жените кои донеле таква одлука и воопшто не ги засега жените кои сакаат да родат”, изјави Морачанин.

Доскорешниот рестриктивен закон во 2013-тата го изгласаа пратениците на тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, рекламирајќи го со слоганите „Честитам убивте здраво бебе!“ и „Избери живот!“, и тврдејќи дека е изготвен врз основа на позитивни искуства од развиените европски земји, а во октомври 2014, уставните судии ја отфрлија иницијативата против законот на невладините организации - ХЕРА, Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Реактор – Истражување во акција). Мнозинството судии на Уставниот суд сметаа дека оспоруваниот Закон за прекинување на бременоста не ја доведува во прашање слободата на одлучување на жените, туку само „ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите“. Уставната судијка Наташа Габер – Дамјановска која имаше издвоено мислење, бараше преработување на законот затоа што е противуставен, но нејзиниот колега, уставниот судија Сали Мурати тогаш беше дециден дека „сон на секоја жена е да се омажи и да стане мајка“, и потенцираше дека ако се дозволи многу слободен закон за абортус „ќе се зголемат неверствата во бракот и другите неморални појави“.

Во 2015-тата, на националната конференција во организација на ХЕРА, одржана под мотото „Разобличи ги митовите – Бори се против стигмата и дискриминацијата поврзана со абортус“, д-р Каролина Ристова Астеруд, од Правниот факултет, тврдеше дека законот од 2013-та е „директно, најбрутално и највулгарно ограничување на правниот субјективитет на жените... Овој закон е само уште еден дел од целиот напад врз жените и негирањето на нивните права и слободи, во извесни димензии, што е зачудувачки, тоа е отворено женомразење“,

Професорката Ристова Астеруд, тогаш, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека „и за она што и најтврдите поборници против абортусот во Централна и Источна Европа го дозволуваат - абортус во случај на родоскрнавење, силување или кога се во прашање медицински забележани малформации на плодот, законодавецот во Македонија има монструозно решение!“.

Според ХЕРА, со стапувањето во сила на новиот закон, се овозможува поголема рамноправност на жените во секоја област на општественото живеење: „„Ние веруваме дека секоја жена треба слободно да одлучува за своето тело. Жената треба слободно да ги донесува сите одлуки во својот живот, вклучително и одлуката дали и кога ќе основа семејство и колку деца ќе има. Истото важи и кога е бремена“.

Поддржувачите на актуелното законско решение сметаат и дека само со обезбедување квалитетна и достапна абортусна грижа, ќе се намали стапката на нелегални абортуси, а репродуктивниот живот на жените, мажите и семејствата ќе стане безбеден и слободен.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG