Министерството за внатрешни работи соопшти дека се идентификувани 14 демонстранти од Скопје на возраст од 18 до 39 години, кои во петочните протести ги каменувале зградите на Владата и на општина Чаир, како и учесници во насилствата кога беа повредени двајца сниматели и шестмина полицајци, и дека против нив ќе биде поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. МВР соопшти дека се работи и на идентификацијата на дел од малолетните насилни демонстранти.
Дирекцијата за заштита на личните податоци пак, соопшти дека се избришани дел од профилите на социјалните мрежи кои повикуваа на верска омраза и нетрпеливост, а кои беа користени и за прикривање на вистинските организатори на официјално ненајавените протести. Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Димитар Ѓеоргиевски, изјави дека по бришењето на одделни профили, допрва ќе се анализираат состојбите и ќе се одлучи дали против некого ќе биде покренатапостапка: „Наше е да постапиме според законот, да предупредиме за некои состојби, да избришеме профил или група и да иницираме постапка, ние немаме истражни овластувања“
На редовниот брифинг во Европската комисија, Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе, порачал да престанат протестите во Македонија, за македонските власти на мир да го решаваат петкратното убиство кај Смилковското Езеро: „Протестите се поради обемната истрага што македонските власти ја спроведуваат по убиството на младите рибари. ЕК има чиста позиција во врска со овие протести, а тоа е нашето барање истите да престанат и да се остават одговорните лица во Македонија на мир да го завршат процесот на истрага и лицата што го извршија тоа грозоморно убиство да одговараат соодветно според законите на земјата.