Линкови за пристапност

САД треба да сторат повеќе


Интервју со конгресменот Мајкл Тарнер, новиот член на неформалната конгресна група пријатели на Македонија.

Републиканец од Охајо, претседавач на американската делегација на Парламентарното собрание на НАТО, а од неодамна и член на неформалната група на Капитол Хил за поддршка на Македонија, конгресменот Мајкл Тарнер посекако е во позиција да биде добро информиран за шансите Македонија да стане членка на северноатлантскиот сојуз.

Најновиот пријател на Македонија влегол во конгресната група затоа што сметал дека е важно да се истакне македонската поддршка за НАТО.

„Во време кога проширувањето на НАТО навидум запре, мислам дека беше соодветно да се приклучам на групата и да бидам еден од гласовите дека го цениме специјалниот однос што САД го имаат со Македонија“, вели Тарнер.

Американскиот владин став го рефлектира оној на НАТО дека Македонија ќе стане членка веднаш откако ќе го реши спорот околу името со Грција. Тарнер ја оценува таа политика: „САД треба да сторат повеќе. Ако погледнете на прашањето со Македонија, но и други области на Балканот, најверојатно треба да преземат посуштинска улога и да се обидат да ги разрешат овие прашања. Мислам дека САД сега преземаат еден вид на приод - „да почекаме и да видиме што ќе се случи“ во кој страните самите би дошле до решение. Треба да бидеме посилен застапник, и за решенијата, и за придвижувањето на земјите кон членството во НАТО“.

Но, дали е и „полесно е да се каже отколку да се стори“? Факт е дека прашањето за името, на пример, останува нерешено веќе неколку американски влади. Конгресменот предлага две конкретни нешта: “Првата е интензивен дијалог. Втората е, заедно со сите земји од регионот, да се стават на маса и да се решат сите прашања од регионот, дури и прашањата што останаа со дезинтеграцијата на Југославија“.

Тарнер дури повикал на своевиден Дејтон-два. Без конкретно фокусирање на решавањето на проблемите, тој стравува дека земјите само натамошно ќе слабеат.

Републиканскиот пратеник не верува дека Македонија ќе стане членка на НАТО во мај во Чикаго, бидејќи сојузниците најавија дека ова не е самит на проширување, но, додава, во Конгресот се говори дека е важно на таа средба да се уважи напредокот на аспирантите и тие да се уверат дека САД и сојузниците ќе работат на нивниот прием.

На прашањето дали има сознанија дека американската влада извршила притисок врз Грција да попушти околу приемот на Македонија, кусо возвраќа: „Ние посекако не сме виделе такво нешто“.

Што тој, како претседавач на американската делагација на Парламентарното собрание на НАТО, може да стори за влезот на Македонија?

„Чиниме и ќе продолжиме да чиниме. Приклучувањето кон конгресната група бездруго помага да се додаде мојот глас на уважувањето на придонесот на Македонија и односите со неа. Мислам дека во Парламентарното собрание има гласни повици за проширувањето и вклучувањето на Македонија во НАТО“, наведува конгресменот од Охајо.

На ставот на НАТО дека не може да ја смени политиката на консензус, само за да ја прими Македонија, Тарнер коментира: „Кога станува збор за дипломатско решение, тоа не мора неопходно да значи промена на правилата. Треба да погледнеме како да ги седнеме сите страни на иста маса, за да се пристапи кон прашањето. Мислам дека не е сторен доволен напор во однос на тоа“.

Не во Чикаго, но Тарнер е оптимист дека Македонија на крајот ќе влезе во НАТО и ветува дека ќе биде посветен на решавањето на спорот со името.

XS
SM
MD
LG