Линкови за пристапност

Маршот за мир како доказ дека соживот е можен


Скопјани од различни националности обединети во пораката: „Да се живее заедно, а не едни крај други, или едни против другите!“

Граѓанската иницијатива Заедно за мир, предводена од неколку новинари, уметници и јавни личности денес го организираше „Маршот за мир", како своевиден одговор на македонската престолнина на актите на насилство и на тепачките со етнички преднзнак во кои последниве недели беа повредени над 20 лица. Пред да започне Маршот, на сцената „Школка“ во скопскиот Градски парк беа испеани песни со пораки за мир, а беше прочитан на повеќе јазици и Манифестот за мир во кој, межу другото, се вели: „Ние сме за мир, / за живење едни со други, / наместо едни покрај други, / за смирување на тензиите, / за доброто на сите луѓе, за пријателство, за општество без насилство, / без предрасуди и манипулации...’

На маршот во кој учесниците беа граѓани на главниот град, без партиска иконографија или национални симболи, под единственото знаме на мирот, учествуваа бројни интелектуалци, уметници, новинари, спортисти, пејачи, политичари, потоа, членовите на десетици невладини организации, а меѓу нив беше и претседателот на државата Ѓорге Иванов. Без разлика на верските, политичките и идеолошките разлики, граѓаните на македонската престолнина, својата порака за мир во Македонија ја испратија дефилирајќи од Градскиот парк, преку мостот „Гоце Делчев“, покрај Музејот на Холокаустот до Камениот мост – како симбол на заедништвото, и назад преку Кејот, зад зградата на Владата, до сцената „Школка“.

Иако не беше присутен, премиерот Никола Груевски го поздрави и го поддржа денешниот Mарш за мир. „Тоа е порака до сите оние поединци кои на некој начин сакаат да го нарушат мирот и спокојството на граѓаните дека мнозинството од овој народ, како во минатото така и сега и во иднина, ќе знае да ги направи сите потребни чекори за да не дозволи на такви поединци и структури да ги реализираат своите идеи кои не се во правец на зачувување на мирот и спокојството на граѓаните. Се разбира, заедно со силите на државата, на МВР и сите институции одговорни за одржување на мирот и спокојството на граѓаните, една ваква демонстрација на граѓаните и на општствено познати личности секако ќе биде од корист“.

Во предвечерие на најавуваниот Марш, синоќа, двајца патници биле повредени од скршените стакла на каменуваниот градски автобус на линијата 65. Еден од повредените е полицаецот кој бил во автобусот заради безбедност на патниците. Полицијата ги бара напаѓачите.

XS
SM
MD
LG