Линкови за пристапност

Политичка опачина на триумфот на македонските спортисти


Политичка опачина на триумфот на македонските спортисти
Политичка опачина на триумфот на македонските спортисти

И покрај реакциите на албанските партии, претседателот Иванов сепак ги одликуваше ракометарите со Медал заслуги за Македонија.

„Македонија ја започна годината победнички. Убеден сум дека успехот што вие го постигнавте ќе продолжи на сите полиња, не само во спортот, туку и во економијата, културата, образованието... Ништо не успева како успехот. Покажавте интегритет и храброст, талент и сила, волја и победничко срце. Такви модели ни се потребни денес во Македонија. Луѓе кои ја обединуваат нацијата. Вие сте современите македонски херои“, изјави претседателот Ѓорге Иванов на свечената церемонија во Македонската опера и балет, на која ги одликуваше македонските ракометни репрезентативци со Медал за заслуги за Македонија.

Спортистите беа одликувани за освоеното петто место на Европското прввенство што вчера заврши во Србија, а со кое обезбедија учество на квалификациите за ОИ 2012 во Лондон, како и за афирмација на Република Македонија во светот и за исклучителен придонес за развојот и за популаризација на овој спорт во Македонија.

Иако, според скопскиот весник на албански јазик „Лајм“, двете наголеми партии на етничките Албанци, владеачката ДУИ и опозиционата ДПА излегоа со став дека Иванов не треба да ги одликува ракометарите со медали за заслуги, македонскиот претседател, сепак, ги додели ордените.

„Го осудуваме шовинизмот на македонските навивачи, кој за жал, беше поддржан и од македонските ракометари. Затоа, сметаме дека претседателот треба да размисли дали доделувањето на еден таков медал за ракометарите е етички потег“, изјавил во медиумите на албански јазик портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, според кого, македонските ракометари не се оградиле од постапките на навивачите кои на ЕП, низ навивачките песни, „демонстрирале шовинизам кон Албанците“.

Покрај медалите од претседателот и Владата ги награди ракометарите, секого одделно, со по 6.000 евра, Слична награда минатата година, Владата им додели и на кошаркарите, кои за освоеното четврто место на ЕП во Литванија добија по осум илјади евра. Со освеното пето место на Европското првенство во Србија, ракометарите ги исполнија и критериумите за спортска стипендија од меѓународен ранг од Агенцијата за млади и спорт, па така, секој од нив ќе добие месечна стипендија од 1,3 просечни плати во државата, во следните две години, или малку над 10 илјади евра, (во 24 рати по 450 евра), а селекторот Звонко Шундовски освои парична награда во противредност од 4.000 евра.

Својата воодушевеност од историскиот успех за македонскиот спорт, ја покажаа и граѓаните на Македонија, кои ги дочекаа ракометарите во нивните родни градови, како во Струга и Велес. Откако уште на границата со Србија, автобусот со ракометарите свечено го пречекаа вицепремиерот Зоран Ставрески и директорот на Царинската управа Ванчо Каргов, во Скопје, а на централниот дочек, присуствуваа неколку десетици илјади граѓани. Спортистите беа поздравени и од претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и речиси целиот државен врв.

Еуфоријата која завладеа поради успехот на макеодонските спортисти, сепак имаше и политичка опачина. Најпрвин, во медиумите блиски до Владата, беше обвинет потпретседателот на опозиоционата СДСМ, Гордан Георгиев, кој во својата колумна во еден дневен весник повика на стивнување на еуфоријата и на рационално вреднување на спортскиот успех.

Потоа, провладиниот портал „Курир“,го обвини новинарот Борјан Јовановски за непочитување на „успехот на репрезентацијата на Европското првенство во ракомет“, зашто на својот Фејсбук профил, побарал да спласне еуфоријата, барајќи „лек за ублажување на навивачката егзалтација“, за, на крајот, како засега последна реакција, пратеникот Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ да ја нападне новинарката Билјана Секуловска, од некогашната ТВ А1, поради нејзината колумна во дневниот весник „Вест“, во која таа реагира за популистичкото користење на навивачките страсти и на патриотизмот, и ги обвинува навивачите за песните во кои се напаѓаат „клетите Шиптари“ и им се упатува закана на Грците дека ќе биде освоено Солунското поле.

Пратеникот Димовски, и` пишува на Секуловска: „Новинарката Секуловска, во налетот на омраза кон својот народ (поради тоа што тој греши на избори), не мери и не мисли кого и со што напаѓа. Вакви ниски напади кон сопствениот народ (навиваа и земјоделци и политичари, работници, доктори, стечајци...), не може да смислат ниту „лабораториите“ на нашите непријатели. Но, тие како Секуловска, може да користат говор на омраза (како што е овој текст), а ако некој само се осмели да прокоментира, тогаш пиштат како мали деца и кодошат надвор дека им е загрозена слободата на изразување“.

Здружението на новинари на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ засега не се огласија по повод ваквите напади.

XS
SM
MD
LG