Линкови за пристапност

Македонија обвинета за сомнителни смртни случаи на Роми во затворите


„Сè што овие семејства сакаат е - вистината“, велат од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) од Будимпешта, кој го истражува диспропорционалниот број на ромски затвореници кои умираат во Македонија

Семејствата на четири лица, Роми од Македонија кои ненадејно починаа во македонските затвори во 2017-та, ја тужат Управата за извршување санкции, како и Министерството за здравство, „за дискриминација во нивниот пристап до здравствена нега и заштита што резултирала со смрт на членовите на нивните семејства“, со тврдење дека сакаат да спречат смрт и на други ромски осуденици.

Колективната граѓанска тужба на 29-ти март ја поднесе Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) кој ќе ги застапува семејствата на Андреас Реџепов (21), Ердал Јусинов (25), Суткие Мустафова (46) и Беким Демир (39), кои починаа минатата година во македонските затвори. Во вчерашното соопштение на ЕЦПР се вели дека „... и Управата за извршување санкции и Министерството за здравство се одговорни за обезбедување квалитет на здравствена нега на затворениците. Семејствата ги тужат овие институции за директна и индиректна дискриминација, бидејќи лошиот квалитет на здравствената нега во македонските затвори, диспропорционално влијае врз ромските затвореници“.

Правничката во ЕЦПР, Сенада Сали, вели дека дел од семејствата не добиле ниту копии од извештаите од извршените аутопсии. „Тие се фрустрирани, сакаат да знаат зошто нивните сакани умреле и сакаат - оние кои се одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата“, пишува Сали.

Според семејствата и ЕЦПР, меѓу причините за загубените животи се и отсуството на квалитетна медицинска нега и надзор од затворскиот персонал. ЕЦПР посочува дека Реџепов и Јусинов починале од предозирање со комбинација од метадон и бензодијазепами, иако ниту еден од нив не бил вклучен во програмата за метадонска терапија. Демир наводно починал од труење со таблети „Празин“ откако му била дадена некоректна доза од страна на медицинскиот персонал, а Мустафова починала откако нејзините претходни здравствени компликации биле игнорирани и таа била обвинета дека ја лажира болеста, поради што персоналот ја повлекол навремената медицинската нега. Во соопштението на ЕЦПР се вели и дека за време на аутопсијата, и во телото на Суткие била пронајдена висока доза на бензодијазепами.

Според ЕЦПР, Реџепов починал на 11-ти март 2017-та во затворот „Идризово“, под сомнителни околности. И неговиот татко, им изјави на активисти за заштита на човековите права дека син му пред да почине наводно бил претепан од затворските чувари. Јусинов кој починал на 22-ри март 2017-та во затворот во Штип, откако се жалел на болки во главата, наводно бил навредуван од затворските службеници, а докторот му дал „необележани лекови“. Мустафова, која починала на 7-ми јуни 2017-та во затворот Идризово, поради болки во градите претходно, повеќепати била транспортирана до скопските клиники, а семејството на Демир, кој бил заведен како зависник, и починал на 25-ти декември 2017-та година во затворот Идризово, официјално од предозирање, тврди дека неколку часа пред смртта се јавил да им каже дека тешко дише по примени инјекции од затворскиот лекар.

ЕЦПР ги наведува и податоците добиени од Управата за извршување санкции, дека 16% од затворската популација во Македонија се Роми, но од смртните случаи во затворите во 2017 година - 50% (четири од осум) биле ромски осуденици.

Иако надлежните институции и затворските управи досега ги демантираа обвинувањата на семејствата и на активистите, делегации од Комисијата за превенција од тортура на ОН, во Македонија доаѓаат наместо на четири, на секои две години.

Во септември минатата година, по посета на затворот Идризово Народниот правобранител Иџет Мемети изјави дека по 12 години укажување на слабостите, Владата, конечно изразила желба да го реши проблемот со затворскиот систем. Тој посочи на слабостите во сите сектори, „почнувајќи од обезбедувањето, класификацијата, здравствениот сегмент, исхраната, едукацијата… Секаде има проблеми кои не чекаат, кои требало вчера да се решат“. Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, тогаш изјави дека „под тортура, не се подразбира само физичко насилство, туку и условите“. Таа потенцираше дека „мора да се реши проблемот со корупцијата, особено во затворот „Идризово“. Овде има затвореничко општество, тука не владеат законите на Република Македонија, тука владеат затворски закони!“.

Премиерот Зоран Заев, пак, по септемвриската посета на затворот Идризово изјави: „Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и од социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово“.

ЕЦПР најавува дека колективната тужба на четирите семејства е само првиот чекор кон добивање правда.

„Позитивна пресуда со која се утврдува дискриминација од властите, ќе ни овозможи овој случај да го однесеме понатаму, вклучувајќи и надомест за семејствата. ЕЦПР смета дека доказите за институционално насилство врз ромските затвореници во Македонија се преголеми за да бидат игнорирани. Оваа колективна тужба, и другите случаи што се водат пред Европскиот суд за човекови права, ќе ги искористиме за да побараме промени во системот и правда за семејствата на ромските затвореници кои непотребно умреа минатата година“, се вели во соопштението на организацијата со седиште во Будимпешта.

Во јуни минатата година, како дел од вонсудската спогодба во предметот „Еминов против Македонија“ што се водел пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур од 2014-та година, Владата на Република Македонија се согласи да исплати отштета во износ од девет илјади евра на семејството Р. А. Се работи за Ром кој починал под сомнителни околности, на 30-ти јули 2010-та година, само 48 часа по доаѓањето на отслужување казна во затворот во Гевгелија. Откако не успеало да се изборат за правда во судскиот систем во Македонија, со помош на ЕЦРП, семејството на Р. А. му се обратило на судот во Стразбур.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG