Линкови за пристапност

Лидерите повикаа на политичко помирување за втори август


Повиците и на власта и на опозицијата, се дека има потреба од надминување на разликите, на денот кога се празнуваат клучните моменти во нејзината историја

Државниот врв и лидерите денес, на втори август, се обидоа преку пораки за обединување и сплотеност да придонесат кон зближување на пред се` политички сегментираното население.

Повиците и на власта и на опозицијата, беа дека има потреба од надминување на разликите за доброто на земјата, токму на денот кога се празнуваат клучните моменти во нејзината историја, во 1903-та и во 1944-та.

„Како што во иднина ни треба единство, така за единство ни е потребно помирување“, изјави шефот на државата Ѓорге Иванов, во обраќањето од Пелинце.

Иванов рече: „Tака ќе покажеме дека сме ја научиле третата лекција, од 1991 до денес, а таа гласи дека кога го сакаме она што го немаме, ќе го изгубиме и она што го имаме, а кога го сакаме она што го имаме, ќе го добиеме и она што го немаме“, рече Иванов, кој повика дијалогот да се води во демократските институции, а не во странските амбасади.

Премиерот Емил Димитриев и спикерот Трајко Вељаноски, голем дел од нивните обраќања во Крушево и во Скопје, ги посветија на политичката криза, која само ја потврди поделеноста во земјата. Не именуваа кој е одговорен за неа, но не пропуштија да кажат дека станува збор за непринципиелен политички однос.

„Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе“, изјави Димитриев.

Вељаноски потенцираше „ заеднички да земеме пример и постојано да се сеќаваме на големината на делото на борците за Македонија. Да застанеме еден до друг, да си подадеме рака меѓу себе“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, од Крушево изјави дека не постојат два различни идеала, две различни револуции.

„Единствената поделба што е реална денес е на арамии, и на ограбени од арамиите. За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени. Републиката којашто е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда, повторно ќе ја изградиме согласно илинденските идеали“, изјави Заев.

Пораките за обеднување доаѓаат во чувствителен период за Македонија, која од изборите во 2014-та е во политичка криза што пак, се рефлектира и врз расположението на граѓаните.

Анкетите покажуваат пад на довербата во политичарите, но и намалување на поддршката за зачленување во НАТО и во Европската унија.

XS
SM
MD
LG