Линкови за пристапност

Апел до Иванов да употреби вето


Претседателот на Македонија ги ислушал претставниците на двата пленуми, изразувајќи загриженост за „тенденцијата на поделби во академската заедница.

„Ќе постапам како Претседател, а не како професор“. Ова бил одговорот на претседателот Ѓорге Иванов, на барањето на професорите од повеќе македонски универзитети организирани во Професорскиот пленум и на претставниците на Студентскиот пленум, да не ги потпише Измените на Законот за високо образование, што се во процедура на гласање во Собранието.

Што точно мислел со ваквата изјава, претставниците не можеа да кажат.

„На претседателот му ги повторивме аргументите кои постојано ги истакнуваме, од кои главни се: нарушувањето на автономијата на универзитетот, номотехничката нелогичност на законот и апсурдноста на решението кое би наложило еден студент за час и половина да полага 18, 20 или 25 предмети материја од повеќе од 2.000 страници. Претседателот ги ислуша нашите аргументи, па се надеваме дека тоа ќе вроди со искористување на претседателското вето за влијание на законодавната власт. Со тоа ние сме свесни дека парламентарното мнозинство не би било спречено да го изгласа законот со апсолутното мнозинство, но постои надеж дека со тоа ќе се изврши едно морално и политичко влијание на претседателот како орган кој го црпи својот легитимитет од народот“, изјави Константин Битраков од Студентскиот пленум, по едноипол часовната средба во претседателската вила.

Професорите на претседателот му презентирале аргументација на 130 страни зошто законот треба да се повлече.

„Веројатно веќе е доцна за повлекување, меѓутоа ние посветени на процедурата, решивме да посегнеме и по последниот правен инстумент – ветото на претседателот Иванов“, истакна професорката Гордана Силјановска.

„Претседателот со согласи со нас дека сите досегашни промени во законот го довеле високото образование до кошмар“, додаде професорот Абдулменаф Беџети.

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека Иванов изразил загриженост за „тенденцијата на поделби во академската заедница и повикал на единство и дијалог“. Во тој контекст, тој предложил заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“, бидејќи, како што се наведува во соопштението, „на Република Македонија и е потребна успешна трансформација на високото образование“.

Во соопштението, Кабинетот на претседателот Иванов истакнува дека утре тој ќе ги прими и претставиците на Граѓанската иницијатива која ги поддржува измените во високото образование, кои претходно денеска побараа средба со него.

„Нашите силни заложби за реформирање на високо образовниот систем на Република Македонија се резултат на потребата за зголемување на неговиот квалитет, за поголемо учество на професорите во креирањето на европската и светската научна мисла, учество во научно-истражувачките проекти надвор од земјата, мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор, и слично. Крајно време е целата македонска академска заедница да се обедини во насока на реализирање на оваа мисија“, се наведува во барањето.

Ставовите „за“ и „против“ владините реформи во високото образование стасаа и до Брисел. Минатата недела, Професорскиот пленум со писма ги информираше еврокомесарите за образование и проширување на ЕУ за реформите кои според нив ја уриваат автономијата на универитетите и принципот на Болоњскиот процес.

Вчера, претставниците на Граѓанската иницијатива ги информираа меѓународните претставници дека зад противењето на реформите стои „политичка мотивираност на професорите и студентите“.

XS
SM
MD
LG