Урнати мостови, одрони на патишта, поплавени ниви и ораници, дворови и подруми. Ваква е сликата од Источниот дел на Македонија. Сепак најмногу на удар на надојдената Брегалница се селата во општината Чешиново/Облешево. Жителите од првите куќи до брегот сведочат дека ситуацијата била најстрашна утринава, кога водите од реката Брегалница допреле до ѕидовите на нивните домови, придружени од силна бучава. Првата бессона ноќ ја минале делумно поставувајќи вреќи со песок, копајќи канали за истекување на водата кон оризовите полиња и испумпувајќи вода од подрумите и дворовите, заедно со припадници на Армијата и на Црвениот крст. Иако денеска ситуацијата е постабилна, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за време на денешната посета на регионот, предупреди дека алармот останува вклучен.
„Состојбата во оваа општина е алармантна. Водата за пиење во сите населени места е загадена и не е за пиење. Во наредните часови, на жителите ќе им биде донесена вода со цистерни од Кочани и Велес, а Заводот за јавно здравје секојдневно да ја испитува водата од бунарите и пумпите по селата од општината. На населеното место Облешево му претстои опасност од излевање на Кочанска река на влезот во селото, за што се агажирани две машини за чистење на каналите од страна на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија“, рече Јанакиески.
Но откако водата ќе се повлече, започнува уште една голема битка на тамошното население – да се исчистат остатоците од излеаните септички јами, што претставуваат најголем ризик за здравјето и жаришта на зарази, дезинфекција и дератизација, за што денеска помош ветија и министрите за здравство и за труд и социјална работа, на состанокот во општината, на кој присуствуваа и професори, доктори-епидемиолози и специјалисти по хигиена од Институтот за јавно здравје, како и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје.
Апелите што денеска ги упатија владините претставници се однесуваат и на жителите од струмичките села, познати по производството на раноградинарски производи, кои во голем дел се под вода.
„Ги детектираме потребите на поплавените семејства со цел да им помогнеме и да ги снабдиме со потребните материјали, храна, облека, покуќнина и се она што им е потребно. Дополнително, апелирам до жителите во поплавените места да се вклучат во помошта на армијата, да не дозволиме поголеми штети, рече министерот за труд Диме Спасов. Во овој дел од земјата, со механизација на Армијата се подигнуваат заштитни бариери за да се спречи евентуално излевање од двете акумулации.
Одговорните од браната Калиманци, пак, која се смета за најголема закана за овој регион денеска тврдат дека таа веќе не претставува опасност, и дека макисмалното излевање се случило вчеравечер, а во текот на ноќта преку отпусен канал се испуштало онолку вода, колку што таа примала.
Непроспиена ноќ минаа и жителите на другиот крај од земјата. Со црева и пумпи се празнеа поплавените куќи во населбите Далјан и Воска во Охрид, каде поради обилните дождови и наглото топење на снеговите се излејаа неколку локални реки. Сепак како најкритична ја истакнуваат ситуацијата во струшките села Мислешево, Калишта и Мороишта.
Во меѓувреме, иако засега скромна, почна и граѓанска мобилизација за помош на жителите од поплавените региони – дел преку социјалните мрежи, а досега два театри најавија дека приходите од нивните овонеделни претстави ќе ги наменат за хуманитарни цели.