Илјадници хектари шуми досега изгореа во големите пожари кои зафатија повеќе региони од државата. Уништени се високо квалитетни шумски појаси, а според Јавното претпријатие Македонски шуми, досегашните штети само во месец март се проценуваат на 53 милиони денари. Во текот на истиот период се случиле 128 шумски пожари. Изгореле 2817 хектари површина ,односно 3250 кубни метри дрвна маса.
За Благоја Прентоски, инженер за заштита од пожари, постојат луѓе кои намерно ги предизвикувале пожарите, најчесто за економска корист но тоа вели го прават и лица со нарушено психичко здравје:
„Ако зборуваме за шумските пожари се работи за прибирање на огрев. Не се свесни дека предизвикуваат големи материјални штети врз шумите. Сигурен сум дека во 99% од пожарите кои се случуваат на територија на Северна Македонија причина е човечки фактор“ вели Прентоски.
Од противпожарната служба во Струга велат дека не паметат толку многу пожари во овој период од годината.
„Загрижувачки е тоа што имаме ситуации во исто време на повеќе локации да се јават пожари, предизвикани од човечки фактор. Тоа ни дава на значење дека нешто се случува но институциите тука треба да одговорат што точно се случува“ вели Ристе Талески, заменик командир на против пожарна служба Струга.
Пожарникарот Никола Шулески вели дека во периодот имале доста тешки ситуации:
„Голема површина изгоре на ниско стеблеста, високо стеблеста шума и стрништа. За жал некаде дојдовме да се запалат и штали, делови од куќи од тие стрништа“.
Прентоски вели дека за обнова за уништените шуми со помош на човекот се потребни од 80 до 100 години, додека по природен пат меѓу 400 и 500 години. За да се спречат ваквите појави вели неопходна е добра координација меѓу надлежните служби како и добра контрола на терен.
Од полицијата велат дека минатата и оваа година поднеле вкупно осум кривични пријави против седум сторители, за кривични дела дел за предизвикување шумски пожари , дел за предизвикување општа опасност. Биле поднесени и 42 известувања до надлежните Јавни обвинителства. За последните пожари во регионот на Крушево, полицијата сомничи 19 годишно момче кое било забележано како подметнува пожар.
Од Центарот за управување со кризи велат дека од почетокот на годината биле регистрирани 500 пожари на отворен простор. Проблем при гаснењето на пожарите многу често се и старите возила со кои располагаат противпожарните служби. Голем дел од нив се од пред четири па и пет децении.
Facebook Forum