Јужна Кореја вели дека е очигледно дека Северна Кореја е одговорна за смртоносниот напад врз јужнокорејски воен брод на 26-ти март, кога загинаа 46 морнари.
Јун Дак-јонг, јужнокорејскиот заменик-директор на меѓународниот тим што врши истрага за тонењето на бродот Чеонан, изјави дека групата заклучила дека бродот потонал откако бил погоден од торпедо произведено во Северна Кореја. Јонг додаде дека нема друго оддржливо објаснување за инцидентот.
Белата куќа издаде соопштение поддржувајќи ја истрагата на Јужна Кореја и нарекувајќи го инцидентот „чин на агресија“ што го предизвикува меѓународниот мир.
Јужнокорејскиот претседател Ли за инцидентот разговарал по телефон со американскиот претседател Барак Обама. За време на телефонскиот разговор со австралискиот премиер Кевин Руд, пак, Ли рекол дека ќе преземе „строги мерки“ против северниот сосед.
Но, Северна Кореја упорно порекнува вмешаност во тонењето на бродот. Моќната Национална комисија за одбрана објави соопштение во кое извештајот на Јужна Кореја е наречен „измислица“ и најави дека ќе поведе војна доколку уследат казнени мерки.