Линкови за пристапност

Политички притисоци врз медиумите


Политички притисоци врз медиумите
Политички притисоци врз медиумите

Отпуштањето на осум новинари од ТВ Канал 5 минатата недела беше главна тема на медиумите во Македонија, но и на политичката сцена

„Повлечете се од медиумите!“, му порача новинарката Весна Ковачевска Трпчевска на шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер, по неговото отворено писмо, со кое се продолжи полемиката на релација (новинари) медиуми – власт во Македонија.

„Барате послушност, затоа новинарите се солидаризираат, не поради некаква хајка против вас, туку оти на своја кожа ги почувствувале политичките притисоци“, пишува отпуштената новинарка на ТВ Канал 5. „Цензура во Канал 5 има, влијанија од власта и од кабинетот на премиерот - има. Го слушам Мартин Протуѓер, ме повикува за некакво добро во интересите на Република Македонија. Нека престане да оценува, да нарачува, нека ги тргне рацете од медиумите, така тој ќе придонесе најдобро за Република Македонија“, порачува новинарката Ковачевска Трпчевска.

Претходно во отвореното писмо до новинарката, Протоѓер кој еден период во својата куса кариера работеше и во медиумите, ги одби овинувањата на негова сметка. „Обвинувањата дека сум се мешал во уредувачката политика на телевизијата апсолутно не се точни. Но, нив можам да ги разберам затоа што ги гледам како дел од една очигледна и валкана политичка кампања во која ти статираш, можеби и несвесно, не знам“. Тој и порача на избрканата новинарка дека е на нејзина страна. „А ако сум толку моќен колку што велиш, тогаш нема од што да се плашиш, кога ме имаш мене, Весна“.

Отпуштањето на осум новинари од ТВ Канал 5 минатата недела беше главна тема на медиумите во Македонија, но и на политичката сцена. И амбасадорот на САД, Филип Рикер, кој е на пат, „со внимание ги следи последните случувања“ во врска со новинарите на телевизијата Канал 5 кои беа избркани од работа, според нивно тврдење, поради „апстрактни критериуми’. Според изјавите на засегнатите новинари во македонските медиуми, ваквата информација им била пренесена на нивната средба со советничката за односи со јавноста во Амбасадата, Анџела Агелер. На средбата, претставниците на амбасадата сакале поподбробно да се информираат за настанот што предизвика жестока полемика во јавноста, а според новинарите, бил изразен и интерес за евентуалните прекршувања на законите при ненадејното отпуштање на новинарите од оваа медиумска куќа, како и за односите меѓу сопствениците на медиумите и новинарите и влијанијата кои припадниците на седмата сила ги трпат од бизнисот и политиката, воопшто.

Покрај американската амбасада, за последните настани на македонската медиумска сцена, според оштетените новинари, од кои дел се на одмор и уште не се информирани дека останале без работа, бил известен и евроамбасадорот Ерван Фуере, кој ја проследил информацијата и до еврокомесарот за проширување Штефан Филе

Две од новинарките кои останаа без работа, како дел од групата од осум избркани новинари, Весна Ковачевска – Трпчевска и Христена Антовска, претходно во медиумите, директно ги обвинија премиерот Никола Груевски, тврдејќи дека не поднесува критичко новинарство и сопственикот на телевизијата со национална концесија Емил Стојменов, поради чии деловни интереси наводно им биле менувани новинарските прилози. Ковачевска - Трпчевска, минатата среда испрати и писмо до премиерот и до сопственикот на телвизиијата Канал 5, во кое тврдеше дека врз вработените се вршени политички притисоци: „Ќе се обидам да не ги донесам во уште понепријатна ситуација колегите кои работат во Канал 5 и по цена повторно да се повикате на мои лични интереси, нема да изговорам конкретни имиња и презимиња на личности, уредници и новинари на кои лично вашиот шеф на кабинет Мартин Протоѓер им диктира која тема да биде наметната во јавноста, како и кој да ја работи. Или, што да не се работи. Не тврдете дека не било така, зашто прашање на време е кога и некој од тие колеги ќе се охрабри да проговори лично“.

На нејзиното писмо стигна демант од Владата во кој се тврди: „Ниту претседателот на Владата, ниту кој било друг владин функционер нема апсолутно никаква врска со оваа одлука на менаџментот на Канал 5 телевизија. Најостро ги отфрламе обвинувањата за некакво наводно мешање во уредувачка политика или што било друго поврзано со функционирањето на овој медиум’.

Во следното обраќање до премиерот со кое ја продолжи писмената полемика, новинарката Ковачевска – Трпчевска, остана на своите тврдења и изнесе нови обвиненија: „Почитуван премиеру Груевски, го почитувам тоа што ми се јавивте пред да го пуштите соопштението во јавноста. Тоа е доблесна реакција и Ви благодарам, најискрено. Ми рековте и јас сакам да верувам дека Вашиот Кабинет не стои зад десеткувањето на Редакцијата. Но, не ми одговоривте – постојат две алтернативи за однесувањето на Вашиот шеф на Кабинетот Протоѓер. Едната Вие ја отфрлувате, дека Вие му наложувате на Протоѓер да биде главен и одговорен уредник на неколку медиуми. Тогаш, втората алтернатива е дека Протоѓер, најблискиот човек до Вас, самоиницијативно пишува од заднина, прима и отпушта луѓе. Затоа Ве прашав – ако толку непослушни има во Вашиот Кабинет, господине Груевски, зошто не преземете нешто?! Вие сте шеф“., му пишува новинарката на премиерот.

Таа претходно ја објасни шемата како шефот на кабинетот на премиерот, Протоѓер влијаел врз уредувачката политика во ТВ Канал 5: „На Вашите изјави се испраќаат полуискусни новинари со кои се договара кое прашање да не биде поставено. Ако и некој новинар имал намера да Ви постави прашање за својата тема, директно од Вашиот Кабинет се интервенира до врвот на телевизијата, кој му наложува на репортерот да не го постави прашањето. Во последен момент се проценуваат за непотребни, веќе сработени прилози договорени на почетокот од работниот ден“.

Потоа се огласи и повиканиот менаџмент на Канал 5 со соопштение во кое се вели: „За да не се продолжи со печатењето невистини и со девалвирањето на одредени личности и на една цела компанија, ја информираме јавноста дека во ниту еден момент немало формулација 'признал' или, пак, е изречен став за некакви 'апстрактни критериуми'. За волја на вистината, ТВ Канал 5 не и' врачи отказ на односната новинарка, туку и' предложи спогодбено раскинување на договорот. За појаснување и за прикажување на вистината пред јавноста, во телевизијата постои т.н. електронско евидентирање на присуството на работното место, како и датотека за бројот на сработени задачи... е тука лежи зајакот, кој во овој случај е поголем и од мечка".

XS
SM
MD
LG