Линкови за пристапност

МПЦ: Го реафирмираме ставот за неменување на името на црквата и државата


Македонската православна црква во резолуцијата на архиепископскиот црковно-народен собор, кој се одржа во струшко Калишта, побара да нема менување на името на државата, но и на црквата. Од политичките фактори во Македонија раководството на МПЦ побара „одговорен пристап во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за татковината“.

Во заклучоците се препорачува „да се употребат сите сили за зачувување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско“.

Владиката на Дебарско-кичевската епархијаТимотеј рече:

„Архиепископскиот црковно-народен собор го потврди ставот за неменување на името на Македонската православна црква поддржувајќи го ставот на МПЦ од 26 декември 2017 година за неменување на името на нашата држава, да не се менува Уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет“.

Ова доаѓа во време кога се` погласни беа информациите дека црквата ќе мора да го промени името за да биде признаена како автокефална од страна на Вселенската патријаршија.

Со резолуцијата се врши менување само на неколку членови од Уставот на црквата, меѓу кои и на називот на поглаварот на МПЦ.

„Титулата на Архипископот е Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и се ословува со Ваше Блаженство“, рече владиката Тимотеј.

Меѓу другото Австралиската епархија се дели на две епархии и покрај Македонската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд со седиште во Мелбурн се додава и Австралиско-сиднејска православна епархија со седиште во Сиднеј.

Беше упатен апел до државните институции да поведат поголема грижа за просветните институции на Македонската православна црква, како и за црковно-историските споменици.

Овој Собор се одржа во годината кога се одбележуваат илјада години Охридска Архиеписопија и 60 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како и 1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј.

Инаку во работата на соборот, покрај членовите на Синодот на МПЦ, учествуваа и претставници на епархиите и верници од земјата и од дијаспората

XS
SM
MD
LG