Линкови за пристапност

Избрана новата влада на Македонија


Со гласа 77 „за“ и шест „против“ Собранието доцна попладневно ја избра новата Влада, чиј претседател е Никола Груевски.

Владиниот состав заедно со премиерот ќе брои 26 члена, од кои 15 мининистри со ресор и седум ќе бидат без ресор, и четворица вицепремиери.
Mинистер за одбрана e Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љирим Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.

За министри без ресор се избрани Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.

Зголемениот број министри, пред се` за привлекување странски инвестиции, премиерот Груевски го објасни со тоа што во фокусот на идната влада ќе биде економијата и отворањето нови работни места.

“Владата што ја предагам е комбинација на младост, но и сериозно искуство, професионалци со висок личен интеритет, со исклучителни човечки вредности и принципи што почиваат на етиката како основа, кои се подготвени да ја вложат целата своја енергија во прогресот на својата држава. Од нив барам и очекувам да работат чесно, транспарентно, посветено и одговорно, истакна Груевски во неговото експозе. На самиот почеток, тој изрази жалење што опозицијата седницата ја следи преку тв-екраните, изразувајќи днадеж дека нејзините пратеници „ќе се вратат заради гласовите што ги добиле од гласачите“.

Во 25- минутното излагање, Груевски ги образложи петте приоритети на неговиот Кабинет.

„Зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и поквалитетен живот, интеграција на РМ во ЕУ и НАТО, бескромпромисна борба против корупцијата, криминалот и ефикасно спроведување на правото, одржување добри меѓуетнички односи, врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување на спроведување на Охридскиот рамковен договор и развој на образованието и информатичката технологија како клучни елементи за креирање на општество базирано на знаења“, истакна тој.

Тој исто така ги повтори познатите ставови за спорот до Грција, истакнувајќи дека Владата нема да дозволи решение кое ќе задира во националниот идентитет и кое е спротивно на Уставот. А доколку се дојде до можно решение, тој рече дека за него ќе се изјаснат граѓаните на референдум.

На крајот од експозето, што го следеа претседателот Ѓорге Иванов, дипломатскиот кор и други гости, Груевски повика на обединување на сите граѓани и политички фактори околу стратешките интереси на државата и изрази очекување „со помош и на божјата волја“ реализација на владината програма и прогрес во државата.

Во расправата потоа, Орхан Ибраими од Демократската партија на Албанците се изјасни дека нивната пратеничка група ќе гласа против, како што ја нарече „старо- новата влада“ бидејќи таа е продолжение на „регрес, бесперспективност, дискриминација од етнички аспект и блокирање на евроатланстките интеграции“.

“Составот не е нов, туку продолжение на непотребно постоење на оваа владина коалиција. ДУИ се повикува на политички легитимитет имајќи го предвид бројот на добиени гласови, но тие не се одраз на политичката волја на Албанците, туку се добиени со закани, купување, рекет и злоупотреба на инструментот на државните институции“, ре;е Ибрахими.

Единствена дебата се разви во однос на програмата на новата влада се разви по забелешките на пратеничката Роза Топузова Кареска од ЛДП, која единствена од опозициските пратеници не се откажа од мандатот. За тоа дали опозицијата наскоро ќе с еврати во Парламентот, наскоро ќе почне политички дијалог, што ќе го отворат лидерите на двете најголеми партии ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Веднаш по изборот, премиерот Груевски беше примен од претседателот Иванов, кој, како што се наведува во соопштението, му го честитал изборот на новиот состав на Владата и му посакал успех во работата.
XS
SM
MD
LG