Линкови за пристапност

Македонија: Полемика за притворот на Шиповиќ


Реагираа Андреј Жерновски, Кривичниот суд во Скопје, СДСМ ...

Откако младинците на опозициониот СДСМ, од скопската општина Центар, наспроти пречекот на Нова Година протестираа пред затворот Скопје, и со транспарент бараа ослободување на претседателот на СДСМ-Центар, Мирослав Шиповиќ, кој е и претседател на Советот на Општина Центар, вчера, пред Судот во Скопје, и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски изјави дека задржувањето на претседавачот Шиповиќ во притвор, иако истрагата за случајот е затворена, а предметот е вратен во Јавното обвинителство, е само притисок на централната врз единствената опозициона локална власт една скопска општина, за да се спречи и оневозможи нејзиното работење, со што се гази волјата на гласачите.

„Не постои ниту еден елемент за продолжување на притворот. Затоа бараме да се укине притворот и Шиповиќ да се брани од слобода. Со ова ќе може да присуствува на седниците на Советот“, рече Жерновски.

Откако зачестија протестите поради повеќемесечното задржување на Шиповиќ во екстрадициониот и во домашниот притвор, денес реагираше и Кривичниот суд во Скопје, со соопштение во кое се тврди декеа не се работи за политички прогон.

„Судот како и повеќе пати досега укажува дека постапува и своите одлуки ги носи согласно закон и Устав, почитувајќи ги човековите права во текот на целата постапка, која ја води согласно роковите предвидени во Законот за кривична постапка брзо и ефикасно, со што преку примена на законот ги гарантира правата на лицата засегнати во постапката“.

Кривичниот суд не ги прифаќа тезите на опозицијата дека Шиповиќ самоиницијативно доаѓал кон Македонија, туку тврди дека е задржан и од Австрија екстрадиран - по судската потерница, како и дека мерката притвор е законски определена и дека била преиспитувана во повеќе фази од судии и совети, кои во двете инстанци сметале оти постои потреба од притвор.

На тврдењето на судот, се огласи со писмена реакција СДСМ.

„Класична политичка провокација и извртување на правните аргументи е тврдењето на Основниот Суд Скопје 1 дека претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, не се вратил самоиницијативно во Македонија. Наместо политички фрази, Судот треба да ги прегледа достапните факти и информации со кои беше организирано, па дури и јавно изречените изјави со кои беше најавено, предвременото враќање во Македонија“.

Според СДСМ, Шиповиќ „јасно и недвосмислено изјавил дека се враќа во Македонија каде очекува фер судење“, па останува нејасно - како и врз основа на кои правни аргументи е распишана меѓународна потерница и зошто толку долго беше одолговлекуван процесот на екстрадиција.

„Како е можно (притвотрените од случајот „Претседавач“) да го повторат делото кога ниту еден од нив нема раководна функција во фирмата, а делото се случило пред три години? И како е можно да влијаат на истрага која е завршена?“, прашаа од СДСМ.

Сопругата на Мирослав Шиповиќ, Дивна, на социјалните мрежи ја пренсе неговата новогодишната порака до граѓаните: „Драги пријатели Ви ја честитам Новата година од ќелијата во која се наоѓам само поради извојуваната победа во Центар за СДСМ, мојата матична партија, и моето залагање како претседавач на Советот да ги застапувам интересите на сите граѓани на Општина Центар кои ни дадоа доверба да ги расчистиме матните работи кои се случуваа во општината во претходниот период!
Мојата борба скапо ме чини и мене и целата моја фамилија, но ќе истраеме во оваа борба бидејќи тоа е борба за слобода, правда и подобра иднина. Убеден сум дека многу скоро ваквите политички монтирани процеси ќе станат минато и сите граѓани на Република Македонија ќе можат без страв да зборуваат и ја критикуваат власта, за таа да биде што подобра во функција на своите граѓани и граѓанки, без оглед на национална, верска, партиска и секаква друга припадност. Слобода и подобра иднина за сите!“
XS
SM
MD
LG