Линкови за пристапност

Екстерното оценување на учениците почна со големи страсти


Оваа комплексна акција ќе трае две недели и има за цел проверка на квалитетот и објективноста со која наставниците ги оценувале учениците во текот на учебната година.

Според планот на Министерството за образование, полагаат 200.000 основци и средношколци по два предмета, а опфатени се околу 15.000 наставници.

За 60 минути учениците треба да одговорат на 30 прашања. Учениците кои од оправдани причини нема да присуствуваат на екстерното тестирање од 27.05 до 10.06, ќе можат да полагаат екстерни тестови во наредните две сесии од 17 до 21 јуни или од 15 до 21 август.

Оценките кои ќе ги добие ученикот од двата предмета ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на вкупниот успех. Во свидетелството ќе стојат и оценките кои ученикот ги добил по тие предмети и од наставникот, појаснија од Министерството за образовение. Според нив екстерното оценување треба да биде гаранција дека наставниот кадар објективно ги оценува учениците.

Сепак, овој прокет наиде на големи реакции во јавноста, а минатата недела се одржаа и протести на кои повеќе стотини ученици на кои им се придружија и некои наставници излегоа на протести под мотото „Стоп за екстерното“.

„Нема логика да полагаме еден тест за цел материјал кои инаку сме го одговарале во текот на годината, тема по тема. Ако требаше така ние ќе се запишевме на училиште вонредно, а не да се малтретираме секој ден да одиме на училиште“, вели еден средношколец на својот блог објаснувајќи зошто е против екстерното оценување.

Инаку денеска со почетокот на екстерното оценување се јавија и првите проблеми. Дел од училиштата известија дека постојат технички пречки со што е оневозможено тестирањето.

„Се појавуваат некои технички проблеми. Нашите кол центри се на располагање. Постојат 200.000 прашања, ова е софтвер кој е комлексен и можни се недостатоци во тестовите. Во мал број случаи се јавуваат грешки, но набљудувачите имаат инструкции како да постапат во такви ситуации“, вели Министерот за образовение Панче Кралев.

Учениците, пак, се жалеа на други проблеми.

„Нема доволно компјутери, во нашето училиште имаме само 5, иако требаше да има компјутер за секое дете“, вели еден ученик.

Други се жалеа на комлексноста на самите тестови. „Ни рекоа, ќе биде на ниво да можат да ги решаваат сите, но дури и нашите другарчиња од природно-математички смер имаат проблем со тестот по математика и е тешко во еден час, колку што ни е даден сето тоа да се одговри“, вели еден ученик.

Трети се побунија поради тоа што им се дадени тестови по предемти кои не се во нивната струка.

„Сум одбрала хуманитичка насока, а ме тестираат за хемија и физика наместо историја и македонски“, вели една ученичка. Нејзината другарка вели дека не е против екстерното, но таа е против тоа да бидат испитувани за предмети кои не се од нивната насока.

Екстерното оценување се спроведува за првпат. Експертската јавност е поделена околу потребата за ваквото оценување, па се очекуваат анализи откако ќе заврши целиот процес за да се види дали ги исполнило очекувањата.
XS
SM
MD
LG