Линкови за пристапност

Македонија: Власта и опозицијата во војна за буџетот


Бизнис заедницата и експертите повикуваат на дијалог

Тензии до ниво од ризик за физички пресметки се случија во Собранието каде што владеачката ВМРО ДПМНЕ и опозиционата СДСМ расправаат за буџетото за 2013-та година. До вакави тензии дојде кога социјл демократите се заканија дека ќе го блокираат изгласувањето на предлог- буџетот доколку не бидат прифатени нивните предлози.Опозиционерите бараат буџетот предложен од владата во висина од 2,7 милијарди да се скрати за 204 милиони евра.

СДСМ бара најголемо кратење да се изврши во ставката услуги, од предложените 281 да се намали на 106 милиони евра. Потоа, во барањето се истакнува потреба од кратење на предложениот буџет за 10% во делот на средствата превдидени за дневниците и патните трошоци.
Опозиционерите исто така сметаат дека 12 милиони евра би се заштедиле ако владата се откаже од купување на нов мебел и возила како и доизградба на згради за некои од министерствата и државните институции. Голема заштеда според СДСМ е и во делот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, се` додека, како што велат во СДСМ, не се изврши целосна ревизија на проектот.

Според барањата на СДСМ, треба да се скрати и како што велат, најнетранспарентната ставка во буџетот за договорни услуги во која се вклучени средства за рекламирање на Владата. СДСМ бара тие да се скратат за 20% и да се доведат на нивото од 330 милиона евра.

„Суштината на овој наш предлог е дека Владата треба преку кратење на непродуктивните и неприоритетните трошоци да ја отстрани потребата од задолжување “, велат во СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера одговорија дека предлогот на СДСМ е скандалозен и „покажува дека СДСМ нема никакви конкретни барања за подобрување на буџетот, туку единствена цел е негова целосна блокада“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ предлагале 81 милион евра кратење на договорните услуги, а тоа се пари кои се издвојуваат од буџетот за здравствени услуги и за набавка на лекарства, па прашуваат „дали СДСМ е против бесплатното здравство за граѓаните“. Партијата наведува неколку слични примери, каде што не би можеле да се скратат средствата како што предлага опозицијата.

„Сето ова покажува дека целта на СДСМ не е да направи добро за земјата и граѓаните, туку да го држи во заложништво буџетот, а со тоа и пензионерите, земјоделците, капиталните инвестиции, воопшто сите функции и субјекти на државата“, изјавуваат од владејачката партија.

За опозиционерите е манипулација тврдењето од власта дека - ако не се донесе буџетот до Нова година - ќе запре исплатата на плати, пензии, социјална помош и субвенции.

Во обид да се надминат проблемите и да се деблокира процесот денска беше одржана координативна седница кај спикерот Трајко Вељановски. Координацијата заврши без резултат.

Експертите како и претставниците на бизнис заедницата сметаат дека одлагањето на буџетот може негативно да влијае врз целокупната ситуација па затоа повикуваат на дијалог меѓу власта и опозицијата.

„Ако не се донесе буџетот, тоа ќе биде лош сигнал за економијата“, смета Златко Калиников од Сојузот на Стопански комори.

„Иако е бесмислено споредувањето на состојби во САД и Македонија, ситуацијата околу донесувањето на буџетите за наредната година во двете земји е речиси идентична во однос на последиците доколку позицијата и опозицијата не се договорат да ги донесат до крајот на годинава. Во САД автоматски ќе дојде до пораст на даноците и до кастрење на јавната потрошувачка, што значи дека нема да остане никој кој нема да биде погоден од неуспехот во преговорите. Во Македонија, исто така, неблаговременото донесување на буџетот ќе има многу негативни последици врз сите слоеви на населението, вклучувајќи го и бизнисот“, пишува во својата редовна колумна на порталот “ФАКТОР” Крсте Шајновски.
XS
SM
MD
LG