Линкови за пристапност

Македонија одговори на меморандумот на официјална Атина


На тркалезна маса за шансите на Македонија да отпочне преговори беше слушната критика за земјите од регионот

Македонскиот министер за надворешни работи денеска преку амбасадорот на Македонија во Грција официјално го предаде одговорот на меморадумот за разбирање кој пред точно еден месец го испрати официјална Атина.

Во одговорот, Никола Попоски ја поздравува грчката иницијатива за, како што вели, решителното придвижување во разговорите за разликите околу името „имајќи ја предвид потребата од создавање урамнотежена и веродостојна рамка за ставовите на двете страни“. Во продолжение на писмото е наведено дека Македонија е решена целосно да ги исполни обврските преземени со Привремената спогодба, а Попоски очекува истото да го стори и Грција.

Попоски, одговарјќи на барањата во грчкиот меморандум, вели дека неповредливоста на постоечките граници, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, воздржување од закана за употреба на сила, немешање во внатрешни работи на друга страна и унапредување на добрососедски односи се основни столбови дефинирани во уставот и во надворешната политика. Попоски во писмото ја нагласува пресудата од Хаг и вели дека таа претставува заедничка придобивка која на непристрасен начин се осврнува на неколку аспекти кои се покренати во предложениот меморандум за разбирање.

Меморадумот за разбирање треба да послужи како основа за евентуалнит договор меѓу двете држави кој ќе овозможи, како што рече, комесарот Штефан Филе во раната фаза на преговорите за членство на Македонија во ЕУ да се најде решение за проблемот со името.

Засега нема реакции од официјална Атина и се` уште е неизвесно дали грчката дипломатија ќе го отвори патот препораката на ЕК за почеток на преговори да добие зелено светло во Европскиот совет, закажан за средината на наредниот месец.
Според поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен пратеник во Собранието од владеачкото мнозинство, Антонио Милошовски, добро е што Македонија го прифатила меморандумот и што на него одговара констуктивно. Тој очекува Европскит Совет врз оваа основа во декември да даде условено зелено светло за старт на преговри.
„Може да се очекува да добиеме услов за реформи и унапредување на добрососедство. Во јуни би се разгледало исполнувањето на тие услови и потоа во втората половина од годината би добиле датум за почеток на преговорите“, изјави Антонио Милошовски. Тој додаде дека овој пат ЕУ на проблемот со името не гледа како на пречка плус, туку како на причина плус за одобрување на старт на преговри.

Со ова сценарио за две фази на одлучување во Европскиот совет во врска со препораката на ЕК за старт на преговри се согласува и Радмила Шеќеринска од опозицискиот СДСМ. Таа додава дека она што е сега важно е Македонија да покаже зрелост.

„Потребна е поширока консултација меѓу политичките субјекти за проблемот со Грција“, вели Шеќеринска коментирајќи ги шансите за старт на преговори кои се условени од напредокот во разговорите со Грција.

Таа исто така додаде дека во меѓувреме Македонија треба да се посвети посериозно на европската агенда. Европската агенда треба да биде во фокусот постојано, а не кампањски како што тоа го прави Владата само пред објавувањето на Извештајот за напредок од страна на ЕК, вели Радмила Шеќеринска.

На тркалезната маса за шансите на Македонија да отпочне преговори учествуваа и меѓународни експерти, Димитар Бечев од Европскиот совет за меѓународни односи од Софија нагласи дека е точно оти во Европската комисија има апетит за проширување, но дека тој апетит не постои и кај земјите членки кои ја носат конечната одлука. Зборувајќи за проширувањето на ЕУ кон земјите од Балканот, Бечев упати критика на сметка на државите од регионот.

„Постојано слушаме убави зборови и желба за ЕУ, но во пракса постапките на политичките елити на Балканот се спротивни од она што го зборуваат“, рече Бечев потенцирајќи оти се сомнева во искрените намери на политчките елити за интеграција на нивните држави во ЕУ.
XS
SM
MD
LG