Линкови за пристапност

Шпекулациите ги креваат тензиите


Македонските институции не се произнесуваат за веста за наводно убиство на етнички Македонец во Грција; грчките тврдат дека е дезинформација

И покрај вечерашната најава дека Владата денес ќе ја информира јавноста за контроверзниот случај за наводното претепување до смрт на извесен Александар Самарџиев во Грција, од припадниците на грчката партија Златна зора (Хриси Авги), во Скопје се` уште нема официјална информација дали веста која ја објави јавниот сервис, Македонска радио телевизија е лага.

Националниот радиодифузер во саботата ја објави информацијата, која според едни извори, наводно потекнувала од здружението „Македонска зора“, а според други, од Фејсбук профилот на извесен Стилијан Самарџиев, роднина на наводно претепаниот грчки државјанин со македонско потекло, Александар кој подоцна им подлегнал на нанесените повреди во една солунска болница. Но, втората верзија за наводното претепување на етничкиот Македонец Самарџиев, на МРТВ телефонски ја потврди и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, и, иако ни тогаш ни досега, не беше официјално потврден ниту идентитетот, ниту постоењето на лице со такво име, ниту тепачката и смртниот случај, во голем број македонски електронски медиуми викендов, здраво за готово, беше пренесена веста.
Следуваа остри реакции во двете држави. На македонска страна во недостаток на официјални информации, „експлодираа“ социјалните мрежи на кои имаше и говор на омраза, а граѓани реагираа и на фан-страницата на премиерот. Особено затоа што Петров во настапот на МРТВ изјави дека: „За Македонците смртта на Самарџиев е закана за војна”. Петров ја повика официјална Атина да ги преземе сите законски мерки, да ги пронајде и соодветно да ги казни виновниците, ги повика на претпазливост Македонците кои живеат во Грција и упати порака до Владата во Атина „да се пресмета со фашизмот, или нема да ја биде“.

Според вчерашната изјава на владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, Владата на Македонија била згрозена од она што го слушнала да се пласира во јавноста, но немала официјална потврда за тие информации. Ѓорѓиев потенцираше дека се преземени сите потребни чекори и дека по добивањето официјален став, јавноста ќе биде благовремено информирана. Македонската Влада и денес нема потврда за таков настан, но останува повикот до граѓаните на воздржаност и зрелост и осудата на „сите обиди за манипулација во јавноста со едно вакво чувствително и сериозно прашање“.

Нема нови информации и од Министерството за надворешни работи, кое чека официјална информација од грчкитеколеги.

Според вчерашната изјава на грчкото МНР - инцидент воопшто немало, а според портаполот Григорис Делавекурас, се работи за „морбидна фантазија“. Делавекурас ја повика македонската Владата да „биде попретпазлива и да не остава простор за вештачко заострување и пораст на национализам“.

Во неделата најпрвин ни македонската амбасада во Атина, ни партијата на Македонците во Грција „Виножито“ немаа никаква информација за ваков настан, за потоа, од партијата да потврдат дека не постојат информации за таков случај, ни за такво лице. Од „Виножито“ ги контактирале и родителите на Стилјан Самарџиев кои немале информации дека близок член на нивното семејство наводно бил нападнат, по што починал, и изјавиле дека сите нивни роднини живеат во Леринско, како и дека немаат роднина од Солун.

Павле Воскопулос, еден од лидерите на македонското малцинство во Грција, не сакаше за Гласот на Америка на македонски јазик дополнително да го коментира случајот, испраќајќи ни го својот став дека „нема потреба веќе да се троши енергија за непотребни работи.“, и дека е јасно оти се работи за дезинформирање...“

И македонскиот конзул во Солун, Томислав Димитровски, за скопски „Вечер“ потврдил дека сите грчки институции и "Златна зора" го демантирале случајот, дека „нема никаков релевантен податок, конкретна потврда дека се случило такво нешто“. „Лоциравме од каде е човекот што ја пласираше веста, од Леринско, оттаму е излезена информацијата и се упати наш човек да провери на лице место. А починатиот човек е од друго место. Дефинитивно не е македонски државјанин и ние немаме со тоа поврзаност. Сега проверуваме дали постои таков настан“, изјавил конзулот“.

И изворот на целата контроверза МРТВ, денес објави дека ниту една грчка институција, орган или медиум нема објавено официјална информација за наводен напад и убиство на македонско момче во Солун и единствениот извор останува тврдењето на Стилијан Самарџиев.

Но, претседателот на СМК, Петров и денес е цитиран од оддлени портали дека неговата саботна изјава за МРТВ е „вистина и веродостојна“.
XS
SM
MD
LG