Линкови за пристапност

ОМД: Охридскиот договор има многу недостатоци


Организацијата на иселениците бара од македонската влада да обезбеди целосно владеење на правото низ територијата на Република Македонија.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се огласи со соопштение за актуелната политичка ситуација во Македонија во кое изрази загриженост за „бројните немили настани во Македонија предизвикани од страна на албанските лидери и јавни службеници“.

ОМД истовремено ја повика македонската влада „да обезбеди целосно владеење на правото низ територија на Република Македонија и да не дозволи Охридскиот рамковен договор да биде изговор овие дела да поминат неказнети“. Според ОМД, „овој договор има многу недостатоци и се` повеќе го дели македонското општество по етничка линија“.

Стојан Николов, претседавачот на Бордот на директори на ОМД, во соопштението објавено од Вашингтон се повикува на „инцидентите со веењето на албанското национално знаме на многу места на територијата на западна Македонија, како и пеењето на албанската химна за време на отварањето на школската година во неколку училишта“, прашувајќи: „Како би се чуствувале Американците ако државните школи долж границата со Мексико го веат само мексиканското знаме и ја пеат само мексиканската химна, без придружба на американските симболи?“.

Американската влада, пак, во неодамнешната честитка на државната секретарка Хилари Клинтон по повод Денот на независноста наведе дека останува посветена на тоа да и` помогне на Македонија во јакнењето на нејзините мултиетнички и демократски институции, а заменик-државниот секретар Филип Гордон за време на посетата на регионот во јули, од Дубровник ја поттикна македонската влада да ги удвои напорите во имплементацијата на Охридскиот договор.
XS
SM
MD
LG