Линкови за пристапност

Повеќето Американци би паднале на тестот за државјанство


Повеќето од Американците би паднале на тестот за државјанство доколку мора да го направат. Неодамнешно истражување на фондацијата Вудроу Вилсон покажало дека само еден од тројца Американци знае да одговори задоволително на прашањата од тестот за американско државјанство.

Критериумот за положување не е висок. Потребно е да се одговорат најмалку 60 отсто од прашањата за да се помине тестот. Тоа е еквивалентно на минималната преодна оценка „д“, од американскиот образовен систем.

Тестот е дел од процесот за добивање американско државјанство, наменет за лицата што не се родени во Соединетите Американски Држави. Според законите, лицата што се легални резидентни во земјата, односно се носители на Зелена карта, имаат право да аплицираат за државјанство после пет години живеење во САД.

Речиси три четвртини од Американците, коишто биле вклучени во истражувањето, не знаеле да кажат кои се 13-те американски колонии што ја прогласија независноста, 57 отсто, пак, не знаеле колку судии брои Американскиот врховен суд и повеќе од половината, 60 проценти, не знаеле колку сојузни држави се вклучиле во Втората светска војна.

„Тоа е веќе проблем и ја посочува реалната потреба од ревидирање на начинот на кој се предава и се учи историјата во земјава и да се види што може да се направи за таа да стане поинтересна и попривлечна за денешните генерации“, вели Патрик Рикардс од фондацијата Вудроу Вилсон.

Да биде иронијата поголема, 40 отсто од лицата што биле вклучени во истражувањето се изјасниле дека историјата им била една од поомилените предмети во училиште.

Постарите лица постигнале најдобри резултати. Седумдесет и четири отсто од лицата постари од 65 години, дале точни одговори на шест од десет прашања.

Од испитаниците помлади од 45 години, само 19 проценти успеале да го поминат тестот.

Од фондацијата Вудроу Вилсон велат дека им асистираат на наставниците, а со цел да се надмине таквиот тренд.

„Ги учиме да развијат игри што ќе ги применат во наставата и преку кои историјата ќе им ја направат попривлечна на децата“, вели Рикардс.

Тој додава дека информирани граѓани, што имаат познавања од историјата, се круцијални за правилно функционирање на демократијата.

„Доколку сакаме силни индивидуи, коишто ќе имаат удел во општеството, коишто ќе бидат дел од тоа што ја прави Америка голема, тогаш тие треба да ја познаваат таа историја. На тој начин ќе можат да носат одлуки врз база на нивната добра информираност“, заклучува Рикардс.

XS
SM
MD
LG